НАД 25 ИЛЈАДИ ВАКЦИНИРАНИ СО ПРВА ДОЗА ЗА ТРИ ДЕНА

    НАД 25 ИЛЈАДИ ВАКЦИНИРАНИ СО ПРВА ДОЗА ЗА ТРИ ДЕНАВо државата вкупно се аплицирани 1.016.700 дози вакцини, а ревакцинирани се 454.788 граѓани. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Над 25 илјади граѓани примија прва доза од вакцина против ковид-19 во изминативе три дена, според податоците од Министерството за здравство.

    На 9 август се вакцинирани 8.030, на 10 август 8.202 и на 11 август 8.914 граѓани, или вкупно со прва доза за три дена се вакцинирани 25.146 граѓани. Зголемениот интерес се должи на најавените рестрикции од 16 август, од кога ќе се бара сертификат за примена вакцина за влез на настани и во угостителски објекти во затворено. Владата новите мерки ги најави на 7 август, а до 9 август во просек со прва доза се вакцинираа од три до четири илјади граѓани.

    „Надминавме 1 милион аплицирани дози вакцини. Интересот за вакцинација од пред два дена е значително зголемен. Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 561.912 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 8.914 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 16.020 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.016.700 дози вакцини, а ревакцинирани се 454.788 граѓани“, вели Министерството.

    Со последните бројки, 66 отсто од пријавеното население над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 64 отсто од пријавеното население над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 60 проценти од пријавеното население над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 50 насто од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

    Граѓаните без закажан термин се вакцинираат во постоечките вакцинални пунктовите низ државата.

    Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба. Сајтот вакцинација.мк е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата од 12 до 18 години.

    Вакцинацијата во земјава се одвива со „Фајзер“, „АстраЗенека“ и „Синовак“. Сѐ уште не се знае кога ќе стигне нарачаната количина од „спутник“.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира