Најголемо зголемување на новозаболени од ковид-19 за периодот од 25 до 31 октомври има во возрасната група од 20-29 години, 11,4% повеќе во однос на претходната недела, вели неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Во земјава има 6.711 активни болни од коронавирус, а моментално се хоспитализирани 476 лица, а од нив 248 се на кислородна поддршка и 8 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација. За периодот од 18 до 24 октомври, наведено е дека во болниците лежеле 514 лица.
Во наведениот период тестирани се 20.976 материјали, со намалување од 2,3% во однос на минатата недела. Регистрирани се 2.804 нови позитивни случаи од 32 градови во државата со зголемување од 3,7% во однос на минатата недела. Процентот на позитивност се движи од 9,9% до 16,0%, просечно 13,2%.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (1.293; 46,1%), со неделна инциденца – 203,9/100.000.
Највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци 304,4/100.000 и Крива Паланка 304,3/100.000.
За минатата недела се пријавени 38 реинфекции, зголемување од 5,6% во однос на претходната недела. Заклучно со 31 октомври вкупно се регистрирани 734 реинфекции (една втора реинфекција).
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (714, 25,5%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 (94; 3,4%). Намалување се забележува кај возрасните групи од 0-9 години (-17,5%) и над 60 години (-1,2%).
Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 1.519 (54,2%) лица од женски и 1.285 (45,8%) од машки пол.
Пријавен е 71 смртен случај во 20 градови во текот на изминатата недела, најголем дел од нив се од Скопје (18). Најголем број (58; 81,7%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (5), 40-49 години (5), 30-39 години (2) и од 10-19 години (1 лице).
Со статус оздравени се стекнале 2.205 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.
Б. НЕСТОРОСКА