НЕ ОЧЕКУВАМ ПОЛИТИЗАЦИЈА ЗА ДОАЃАЊЕТО НА ВАКЦИНИТЕ „СПУТНИК“ ПО ПРОТЕРУВАЊЕТО НА РУСКИОТ ДИПЛОМАТ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    НЕ ОЧЕКУВАМ ПОЛИТИЗАЦИЈА ЗА ДОАЃАЊЕТО НА ВАКЦИНИТЕ „СПУТНИК“ ПО ПРОТЕРУВАЊЕТО НА РУСКИОТ ДИПЛОМАТ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕВладата во февруари во директни преговори со рускиот производител нарача 200.000 вакцини, но досега стигнаа само 6.000 дози во март. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Нема најава за политизација на прашањето за пристигнувањето на руските вакцини против ковид-19 „спутник“ во земјава, откако вчера Министерството за надворешни работи прогласи еден дипломат од Руската амбасада во Скопје за непожелна личност во Македонија, кажа денеска министерот за здравство Венко Филипче.

    Владата во февруари во директни преговори со рускиот производител нарача 200.000 вакцини, но досега стигнаа само 6.000 дози во март. Во април преку донација од Србија, Македонија доби 40.000 дози од вакцината „спутник“ со кои почна масовната вакцинација на критичните групи во земјава во салата „Арена А1 Борис Трајковски“.

    Филипче денес кажа дека има најави од претставници на Руската амбасада оти до крај на мај треба да стигне одредена количина на „спутник“, но дека не се потврдени.

    Министерството за надворешни работи вчера соопшти дека согласно член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи, одлучи да прогласи еден дипломат на Амбасадата на Руската Федерација за непожелна личност во Северна Македонија.

    „Во оваа насока, на 14 мај 2021 година, во просториите на Министерството за надворешни работи беше повикан Амбасадорот на Руската федерација, при што беше врачена нота со која се наложува на посочениот дипломат да ја напушти територијата на Северна Македонија во рок од седум дена“, се вели во соопштението, без наведе причината за ваквата одлука на МНР.

    На новинарско прашање дали очекуваа реперкусии и дали после вчерашната одлука на МНР, се сретнал со рускиот амбасдор, Фиипче кажа:

    „Во ниту еден момент за време на бројните средби и телефонските разговори кои ги имам со рускиот амбасадор немам никаква најава за политизација на прашањето. Не беше така ниту на почетокот, ниту е сега. Ние бевме една од земјите кои најмалку временски чекаше од моментот на нарачка до стигнувањето на првата количина. Мала беше, но многу брзо стигна после нарачката. Вчера не исконтактирав со амбасадорот, од не очекувам ништо, според досегашната комуникација, но еве, да видиме“.

    Филипче најави дека на почетокот на јуни треба да стигнат 500 илјади вакцини од кинеската „Синовак“, а во текот на јуни 100.000 на „Фајзер“ вакцини преку Ковакс механизмот.

    За ситуацијата со ковид-19 во земјава, министерот кажа дека останува одлуката за 14-дневен карантин за лицата кои доаѓаат од Африка, Индија и од Јужна Америка.

    „Новите истражувања покажуваат дека најопасен е индискиот сој, но ниту кај нас, ниту во регионот, ниту во Југоисточна Европа нема најави дека нешто драматично се случува“, кажа Филипче додавајќи дека останува на ставот оти маските сѐ уште треба да се носат на отворено. За после 1 јуни, најави можно олеснување на мерките за организирање свадби, но дека сепак ќе се чека одлуката на Комисијата за заразни болести.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира