НЕМА НОВИ МЕРКИ ЗА ЗАШТИТА ОД ОМИКРОН, ЗАТВОРАЊЕТО ГРАНИЦИ НЕМА ДА ДАДЕ ЕФЕКТ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    НЕМА НОВИ МЕРКИ ЗА ЗАШТИТА ОД ОМИКРОН, ЗАТВОРАЊЕТО ГРАНИЦИ НЕМА ДА ДАДЕ ЕФЕКТ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ„Ја следиме ситуацијата со омикрон, но сега остануваме на веќе постоечките ковид мерки“, вели Филипче. (Фото: К. Попов)

    Министерот за здравство Венко Филипче смета дека некаква рестрикција во однос на затворање на граници и карантин за патници кои доаѓаат од одредени земји нема да даде ефект во заштитата од новиот сој на ковид-19. Омикрон за првпат беше детектиран на 24 ноември во Јужна Африка.

    Израел и Јапонија забранија влез за сите странци, а Велика Британија, Холандија, Канада, САД, ЕУ ги прекинаа авионските врски со државите од југот на Африка.

    „Очигледно е дека е детектиран во некои европски земји, досега видовме дека кога ќе се појави нов сој не може да се спречи да се појави на друга територија. Ќе се појавуваат и други соеви.  Сѐ уште нема доволно познати информации, иако, Светската здравствена организација (СЗО) укажува на тоа дека е полесно пренослив. Сепак директорот на Американскиот институт за здравство смета дека и за тоа нема доволно информации, и дека се тука некаде по степенот на преносливост со делта сојот“, рече Филипче по утринскиот состанок на Комисијата за заразни болести.

    Заклучокот од состанокот е дека состојбата со ковид-19 во земјава е стабилна, неделната инциденца е за 5 проценти помала во однос на претходната недела, а тоа се чувствува, вели Филипче, и по состојбата со слободни места во болниците. Актуелните мерки, вели министерот, се така димензионирани да, се штити и нашата земја, како и околните.

    На утрешната владина седница ќе се разговара за новиот предлог на Комисијата, матичниот лекар да биде награден со 30 денари по пациент од вкупниот број пациенти запишани кај него, откако ќе надмине 70 отсто на вакцинација од вкупниот број пациенти.

    Владата на седницата на 25 ноември не донесе одлука за предлогот на Комисијата за заразни болести за задолжителна вакцинација на здравствените работници и препорака за имунизација на јавниот и приватниот сектор и побара од Комисијата дополнителни анализи и компаративни студии за предложените мерки, но и предлози за дополнителни мерки за поттик за масовна вакцинација.

    На новинарски прашања за здравствената состојба на седумте преживеани од автобуската несреќа на 23 ноемви во Бугарија, Филипче кажа дека двајца патници кои досега беа на Клиниката за пластична хирургија во Скопје денеска ќе бидат пуштени на домашно лекување, а тројца се очекуваат да пристигнат од Софија до вечерва. Останатите двајца во наредниот период ќе се вратат од Бугарија.

    Во однос на тоа дали ќе се кандидира за нов претседател на СДСМ, Филипче кусо одговори дека нема.

    Б. НЕСТОРОСКА

     


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира