Дваесет и осумгодишна медицинска сестра од Кичевската болница почина вчера по компликации од ковид-19 на Инфективната клиника во Скопје, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК директорката на Клиниката, д-р Милена Стевановиќ. Директорката ни изјави дека пациентката не била вакцинирана против ковид-19, а немала други хронични болести.
Според извори за САКАМДАКАЖАМ.МК од Болницата во Кичево, пациентката од село Зајас, Кичевско, била лекувана кај нив, па била препратена за Скопје.
Министерството за здравство вчера соопшти дека од 25 починати лица од ковид-19 од 6-12 август, ниеден не бил вакциниран. Од почетокот на коронакризата, според податоците до вчера, во земјава починаа 5.532 лица.
„Од вкупно 3.497 пациенти коишто се дијагностицирани изминатите 7 дена, 3.047 се невакцинирани, што значи само 10% се вакцинирани и се позитивни и тие коишто се во болница и на лекување имаат прилично стабилна состојба. Она што охрабрува е дека од вкупниот број на вакцинирани во нашата држава, околу 400.000 ревакцинирани од околу 500.000 со прва доза, само 0.002% се заразиле, што укажува на тоа дека само вакцинираните граѓани и таа популација е прилично сигурна и обезбедена. Тоа е доказ дека вакцината е безбедна, тие граѓани немаат никакви компликации, дека е ефикасна очигледно, еве сега доказ дека е ефективна“, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче во Охрид.
Б. НЕСТОРОСКА