Изминативе денови е намален бројот на граѓани на дневно ниво кои се вакцинираат против ковид-19. Прва доза вакцина вчера примиле 2.958 граѓани, а заедно со ревакцинираните вкупно се се вакцинирале 6.940, соопшти Министерството за здравство. Според податоците од изминативе денови, на 20 мај вакцинирани биле 11.646 граѓани, на 21 мај 10.221 граѓани, а во саботата, 22 мај, 4.148 граѓани.
Исто така, не е мал бројт на граѓани кои се на возраст над 60 и над 70 години, особено во Скопје, кои се жалат дека иако се уредно пријави или преку сајтот вакцинација.мк или преку матичен лекар уште пред неколку месеци, термин за вакцина сепак не добиле.
На прашањето од САКАМДАКАЖАМ.МК на што се должи намаленото темпо на вакцинација изминативе неколку дена, од Министерството за здравство само одговорија: „Почната е масовна ревакцинација на граѓаните кои примиле една доза вакцина, согласно закажаните термини, бројот на дневни дози ќе се зголемува во наредните денови“.
На нашето прашање дали почнаа да се викаат на вакцина повозрасните граѓани кои се пријавиле во текот на мај, од кабинетот на министерот Венко Филипче велат: „Во тек е вакцинација на различна возрасна категорија граѓани – хронични болни, пациенти на дијализа и со трансплантирани органи, возрасни граѓани, помал дел на вработени во критична инфраструктура“.
Министерството соопшти и дека денеска започна вакцинација на лицата со ретки болести заведени во Националниот регистар за ретки болести. Се вакцинираат и родителите и старатели на малолетните лица од овој регистар кој има околу 60 различни дијагнози на ретки болести .
Покрај овие лица ќе се вакцинираат и пациентите со цистична фиброза. Во оваа категорија ќе се вакцинираат и родителите и старателите на малолетните лица со цистична фиброза. Вакцинацијата ќе се изведува во наредните неколку дена на вакциналните пунктови во Арената А1 Борис Трајковски во Скопје. Неделава завршува и вакцинацијата на околу 2.000 пациентите кои се на дијализа, чекаат орган на листите за трансплантација, имаат трансплантиран орган или и самите се донори“, велат од Министерството.
На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера досега се вакцинирани вкупно 224.336 граѓани. Вкупно се аплицирани 267.167 дози вакцини, а ревакцинирани се 42.831 граѓани. Со последните бројки, 46 % од пријавеното население над 70 години има примено барем една доза вакцина, 39 % од пријавеното население над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина. Досега се пријавени 422.053 граѓани преку веб страницата.
Во регионалниот вакцинален пункт во Штип започна ревакцинацијата која ќе се одвива со истата динамика како што било првичното вакцинирање. Тоа значи дека до крајот на оваа недела ќе се ревакцинираат првите неколку илјади граѓани кои пред три недели се вакцинирале со првата доза. Тоа се претежно граѓани над 60 години кои имаа приоритет при првото вакцинирање.
„Досега прва доза вакцина примија 16.600 граѓани од цела Источна Македонија и Струмичкиот Регион, Со отворањето на пунктовите за вакцинирање во Струмица, Кочани и Берово граѓаните од овие места повеќе не мора да одат во Штип за прва доза, но тоа не важи за веќе вакцинираните кои втората доза според компјутерскиот систем треба да ја примат онаму каде што ја примиле првата доза“, вели раководителот на Центарот за вакцинација во Штип Дијана Коцева-Миланова.
Филипче деновиве апелираше дека после три силни брана, вирусот ковид-19 конечно стивнува и сега вакцината е најсилното оружје во таа борба. Тој ги повика граѓаните да се пријават во што поголем број на сајтот www.vakcinacija.mk и да ги убедат своите блиски, пријателите и сограѓаните да се пријават за имунизација.
Имунизацијата во земјава се одвива со вакцината на „Фајзер“, „АстраЗенека“ и со „Синофарм“.
Филипче на 19 мај најави дека на почетокот на јуни треба да стигнат 500 илјади вакцини од кинеската „Синовак“, а во текот на јуни 100.000 на „Фајзер“ вакцини преку Ковакс механизмот. Според него, има најави од претставници на Руската амбасада оти до крај на мај треба да стигне одредена количина на „спутник“, но додава дека не се потврдени.
Б. НЕСТОРОСКА