Приватните болници податоците за починати од ковид-19 ги праќаат до Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на дневна или на неделна основа. Од наша страна нема задоцнето објавување на податоци на починати пациенти по компликации од ковид-19, вели Министерството за здравство, откако во вчерашната статистика од ИЈЗ, од вкупно 47 починати, беше наведено дека 15 се починати во март во приватна клиника.
„Од 15-те починати лица кои влегоа во вчерашната статистика, 11 од нив се починати во приватна болница, но не во еден ден, туку во изминатиов период, тројца се во домашни услови и 1 пациент во државен ковид-центар“, појаснија денеска од Министерството на нашето прашање дали подоцна пријавените смртни случаи се од пациенти кои починале дома, во јавно или во приватно здравство.
- На 17 април во дневната статистика беа пријавени 31 починат, од кои 7 починати во март.
- На 19 февруари беа пријавени вкупно 19 починати лица, од кои шест починале во тек на месеците ноември-декември
- На 14 февруари беа пријавени 13 починати лица, од кои шестмина се починати во тек на месец декември.
- На 3 февруари беше објавено дека во 20 починати, влегуваат и 14 кои починале во Клиниката „Жан Митрев“ во периодот од 4 до 30 јануари.
Од кабинетот на Министерот за здравство велат дека од почетокот на пандемијата транспарентно се објавуваат сите податоци за позитивни, тестирани, починати, хоспитализирани пациенти со ковид-19 на територија на цела држава. Институтот за јавно здравје и Центрите за јавно здравје на дневна основа добиваат податоци за починатите лица во Јавните здравствени установи како и од приватните болници и како што ги добиваат Министерството ги објавува.
„Се случува понекогаш за починат пациент да се добие резултат од позитивен брис ден-два по смртта и тогаш да се пријави тој пациент во базата на починати. Приватните болници податоците за починатите ги праќаат до ИЈЗ на дневна или на неделна основа. Дента кога истите ќе пристигнат се објавуваат транспарентно со напомена доколку се работи за бројка на починати за период од една недела или подолг период“, ни рекоа од Министерството.
Од почетокот на коронакризата во земјава од ковид-19 починаа 4.556 лица.
Б. НЕСТОРОСКА