ПРОТИВ КОВИД-19 МОЖЕ ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ И ДЕЦА БЕЗ ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ ИЛИ БЕЗ МАТИЧЕН ЛЕКАР

    ПРОТИВ КОВИД-19 МОЖЕ ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ И ДЕЦА БЕЗ ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ ИЛИ БЕЗ МАТИЧЕН ЛЕКАРTeрмини мора да се закажуваат затоа што, вакцината на „Фајзер“ кога еднаш ќе се отвори мора да се вакцинираат 6 лица, бидејќи во вијалата има 6 дози. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Оние деца кои немаат здравствено осигурување, или немаат одбрано матичен лекар, ќе може да се вакцинираат против ковид-19, а информации за термините ќе може да добијат директно на вакциналните пунктови каде ќе се одвива вакцинација на деца, велат од Министерството за здравство.

    Mинистерот за здравство Венко Филипче денес кажа дека родителите и старателите кои сакаат да ги вакцинираат децата од 12 до 16 години против ковид-19, ќе мора да ги пријават преку веб-сајтот вакцинација.мк, од денес од четврток. Оваа група на популација во земјава ќе се вакцинира само со вакцина на „Фазјер“.

    Во редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК стигнаа реакции од граѓани дека се соочуваат со проблеми при регистрација на децата.

    „Веќе три пати ја пријавувам мојата ќерка на сајтот и добивам порака на екранот дека пријавувањето е успешно, но потоа добивам е-пошта во која ме известуваат дека ‘Пациентот не е пронајден. Ве молиме проверете ја точноста на податоците и пријавете се повторно’. Имено, ќерката постои во базата во ФЗОМ (проверивме на шалтер), ама не и во базата на вакцинација.мк, а е недостапна и на матичниот доктор. Како што разбравме, базите се префрлани од едно на друго место и голема е можноста дека притоа нешто се случило со определени корисници на Фондот“, стои во порака од читател.

    Од Министерството ни одговорија дека дека во системот Мој термин веќе се регистрираат малолетни лица (деца од 12-16 години) кои сакаат да се вакцинираат.

    „Родителите или старателите, доколку наидат на потешкотии при пријавување на своето дете, да го проверат статусот на евидентирање на децата, односно дали истите се осигуреници во базата на Фондот за здравствено осигурување на Северна Македонија“, ни одговорија од кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче.

    Според министерот, мора да се закажуваат термини затоа што, вакцината на „Фајзер“ кога еднаш ќе се отвори мора да се вакцинираат 6 лица, бидејќи во вијалата има 6 дози.

    „Ако се јави 1 или 2 деца има голем ризик да се фрлат одреден број вијали. А, тоа не сакаме да се случи. Затоа, родителите и старателите ќе може да ги регистрираат децата и од петок ќе започне апликацијата на вакцините“, рече Филипче денеска пред отворањето на вакцинален пункт во скопската општина Шуто Оризари.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира