Дополнителни слободни термини за вакцинација на граѓани од 73 и 74 години се пуштени во „А1 арената Борис Трајковски“ . Од Министерството за здравство велат дека термините се отворени од вечерва и граѓаните од оваа возрасна група кои досега изразиле желба за вакцинација преку веб страницата вакцинација.мк или преку матичен лекар, треба да се пријават кај својот матичен за да им закаже термин за вакцинација.
Вакцинацијата на овие групи граѓани ќе почне од четврток, на пунктовите во „А1 арената Борис Трајковски“.
„Вакцинацијата продолжува согласно Националната стартегија за ковид имунизција со приоритет врз основа на возраст, во оваа фаза ќе бидат опфатени возрасни лица, односно постари – категорија што секако е опфатена со најголем број на хронични болести, со висок ризик за тешка форма на ковид-19 болест, компликации и смртен исход“, велат од Министерството.
Според официјалниот сајт ковид19вакцинација.мк, досега се вакцинирни 29.263 луѓе од 155.297 регистрирани. Покрај во „Борис Трајковски“, пунктови за вакцинација има уше во три поликлиники во Скопје и во здравствените домови во 34 градови.
Институтот за јавно здравје денес соопшти дека откако на 17 февруари во Македонија почна вакцинацијата против ковид-19, и заклучно со 11 април, вкупно се вакцинирани 7.011 здравствени работници со прва доза (4.015 – „Фајзер/Бионтек“ и 2.996 – „спутник В“) и 5.857 (3.817-„Фајзер/Бионтек“ и 2.040- „спутник В“ ) со втора доза на вакцина против ковид-19. Од 31 март започна вакцинација на населението за лицата над 77 години и заклучно со 11 април вакцинирани се 8.330 лица. Од 5 април почна масовна вакцинација во вакцинален пункт во салата „Борис Трајковски“, каде што покрај вакцинирани здравствени работници беа вакцинирани и лица од критичната популација, вкупно 12.093.
Б. НЕСТОРОСКА