СЕ РАСИПА АНГИОГРАФОТ ВО „8 СЕПТЕМВРИ“, ПАЦИЕНТИТЕ СО ИНФАРКТИ СЕ ПРЕПРАЌААТ НА КЛИНИКА

    СЕ РАСИПА АНГИОГРАФОТ ВО „8 СЕПТЕМВРИ“, ПАЦИЕНТИТЕ СО ИНФАРКТИ СЕ ПРЕПРАЌААТ НА КЛИНИКАЛекари од Болницата уште во април алармираа дека апаратот е пред распад по зголемениот број на мозочни и срцеви постковид инфаркти. (Фото: СДК.МК)

    Се расипа ангиографот во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ , апарат кој се користи 24 часа, практично од сабајле до другото сабајле, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот д-р Христијан Костов. Станува збор за апарат за иследување на крвните садови на мозокот, вратот, аортата, екстремитетите. Со него се откриваат најчесто стеснувања на артериите кои во текот на прегледот може и да се прошират и стентираат, а со тоа истовремено да се изврши и интервентна процедура. Се користи и при операции за инфаркти, вградување на стентови.

    Директорот Костов додава дека сите пациенти се згрижени, и дека најитните случаи се препраќаат во скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ каде има два ангиографа.

    Д-р Костов вели дека во моментов работат техничари на негова поправка, дека најверојатно и ќе го поправат, но факт е дека се работи за апарат стар 10 години, кој за три пати ги има надминато дозволените работни часови.

    „Разговаравме со Фондот за здравствено осигуруваање, од каде ќе добиеме пари, ќе распишеме тендер и ќе купиме нов апарат. Го очекуваме за еден месец“, вели директорот.

    Според него, станува збор за скап апарат, има разни цени, од 500 илјади евра нагоре.

    Лекари од Болницата уште во април алармираа дека апаратот е пред распад по зголемениот број мозочни и срцеви постковид инфаркти.

    „Ние имаме интервентна радиологија број еден во земјава, тука се прегледуваат пациенти од цела Македонија. Од 7 до 15 часот на апаратот работат интервентни радиолози, а од 15 до 20 часот кардиолози. Навечер пак имаме дежурни кои особено сега во ковид кризава се соочуваат со невообичаено многу мозочни и срцеви инфаркти“, ни рече тогаш директорот Костов.

    Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК на 28 јуни објави дека во „8 Септември“ тој период работел само сервисниот лифт со кој се носи храна за пациентите, па освен храна, се користел и за болни и починати, како и за медицински отпад.

    Костов вели дека лифтовите се поправени, но дека ги очекуваат новите да стигнат.

    Болницата „8 Септември“ е главен Ковид-центар во земјава од почетокот на коронакризата и тука се лекуваа најтешките случаи со компликации од ковид-19.

    Директорот вели дека во моментов нема хоспитализирани пациенти со компликации од ковид-19, туку дека имаат само дневни прегледи.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира