ШЕСТМИНА ОСНОВЦИ ИМАЛЕ ПОЗИТИВЕН КОВИД ТЕСТ ОД 1.323 ДОСЕГА ТЕСТИРАНИ УЧЕНИЦИ

    ШЕСТМИНА ОСНОВЦИ ИМАЛЕ ПОЗИТИВЕН КОВИД ТЕСТ ОД 1.323 ДОСЕГА ТЕСТИРАНИ УЧЕНИЦИТестирањето за ковид-19 почна на 20 октомври, а го вршат Центрите за јавно здравје во 496 средни и основни училишта на територија на цела држава. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Шест ученици од основните училишта имале позитивен тест на ковид-19 од досега вкупно тестирани 1.323 ученици во средни и основни училишта на подрачјето на Кочани, Штип, Велес, Скопје, Куманово, Прилеп, Битола, Струмица, Тетово и Охрид, стои во податоците кои ги објави Министерството за здравство за тестирањето за коронавирус. Тестирањето за ковид-19 почна на 20 октомври, а го вршат Центрите за јавно здравје во 496 средни и основни училишта на територија на цела држава.

    Од досега тестирани 1.323 ученици, 725 се основци од 1 до 9 одделение, а 598 се средношколци. Од нив 1.317 ученици биле негативни на тестот.

    Вкупно, 8.178 ученици од 80 општини и градот Скопје, од 364 основни и 109 средни училишта низ земјава ќе бидат опфатени со скринингот за рано детектирање и превенција од ковид-19.

    „Центрите за јавно здравје при детектирање на позитивен ученик, постапуваат согласно донесениот алгоритам за училиштата во случај на појава на ученик со симптоми или сомнителен на вирусот. За поголем дел од Центрите, скринингот завршува утре, а крајните резултати Центрите мора да ги испратат најдоцна до средината од следната седмица“, велат од Министерството и додаваат дека по обработката на податоците, ќе ја објават целосната анализа со што ќе се добие генерална слика за присуство на ковид-19 меѓу учениците во училиштата.

    Во земјава во моментов има 7.131 активен болен од ковид-19, од кои 885 деца на возраст од 0-17 години се активни, а 15  денес добиле позитивен тест.

    На Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле хоспитализирани се 19 деца на возраст од 9-16 години. Еден пациент е на кислородна поддршка а сите останати се со лесна клиничка слика. Ниту едно од хоспитализираните деца не е вакцинирано, вели Министерството.

    Заклучно со 3 ноември во земјава вкупно се вакцинирани 807.528 граѓани, ревакцинирани се 778.482 а трета доза примиле 38.719 граѓани. Според податоците од националниот систем „Мој термин“ досега во земјата 5.800 деца на возраст од 12,13,14,15,16 и 17 години примиле една доза вакцина за ковид-19, а ревакцинирани се 4.860 малолетници.

    Според бројот на аплицирани вакцини, 39 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 37 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцини.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира