ВО КРИЗА ПРИВАТНИТЕ БОЛНИЦИ ЌЕ ДОБИЈАТ ОГРАНИЧУВАЊА ЗА ЦЕНИТЕ ЗА КОВИД БОЛНИ И ЗАБРАНА ДА ПРЕЗЕМААТ МЕДИЦИНСКИ ЛИЦА ОД ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО, ЗАКОНОТ ОДИ ВО СОБРАНИЕ

    ВО КРИЗА ПРИВАТНИТЕ БОЛНИЦИ ЌЕ ДОБИЈАТ ОГРАНИЧУВАЊА ЗА ЦЕНИТЕ ЗА КОВИД БОЛНИ И ЗАБРАНА ДА ПРЕЗЕМААТ МЕДИЦИНСКИ ЛИЦА ОД ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО, ЗАКОНОТ ОДИ ВО СОБРАНИЕСо предложените измени се забранува во здравствена криза приватните здравствени компании да преземаат здравствените работници од јавното здравство. (Фото: СДК.МК)

    Владата добива законско овластување да определува највисоки цени во приватните болници во висина на референтните цени утврдени од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), со предлог-измените на Законот за здравствена заштита што ги усвои на денешната седница.. Владата го прифати предлогот за измена на Законот за здравствена заштита поднесен од Главниот кризен штаб. Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека во предлогот стои дијагностицирањето и лекувањето на ковид пациенти во приватните болници да биде ограничено и да се движи од 40 илјади до 305.000 денари (од околу 650 до околу 5.000 евра).

    Со предложените измени се уредува и начин на вршење на здравствена дејност од приватните здравствени установи при утврдено постоење на кризна состојба заради заштита на јавното здравје и прогласена епидемија или пандемија на заразна болест, а на Владата ѝ се овозможува законско овластување да определува највисоки цени во приватните болници во висина на референтните цени утврдени од ФЗОМ, за да се овозможи овие услуги да бидат подеднакво економски достапни за сите граѓани, со што ќе се заштити јавното здравје и економските интереси на сите граѓани.

    Со оваа измена, Министерството за здравство добива дополнителни овластувања во услови на кризна состојба прогласена заради заштита на јавното здравје и прогласена епидемија или пандемија на заразна болест.

    Со предложените законски измени е предвидено и користење на ресурсите на приватните болници доколку условите го наложуваат тоа согласно состојбата предизвикана од пандемијата во име на заштита на јавното здравје и се забранува преземањето на здравствените работници од јавното здравство од страна на приватните здравствени компании.

    „Измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита ќе бидат испратени на усвојување во Собранието по скратена постапка, а во нив се предвидени и измени во делот на глобите за прекршоци доколку приватните здравствени установи не постапуваат согласно законските одредби“, вели Владата.

    Министерот Филипче апелира до сите пратеници во Собранието да дадат поддршка на оваа регулација, со која цените за третман на пациенти во приватните болници ќе бидат финансиски издржливи за сите граѓани.

    Претходната недела, за 10 отсто ги намали цените само приватната клиника „Жан Митрев“, а од „Систина“, како што рече тогаш министерот, го известиле дека не можат да ги намалат цените за лекување на ковид пациенти оти немале економска логика.

    Според последните податоци од Министерството за здравство, на Инфективните оддели во Скопје и во болниците низ земјава лежат 1.768 болни и има околу 300 празни болнички кревети во Ковид-центрите.

    По денешната седница, Владата исто така до Собранието ќе ја достави и Предлог-одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба во земјава до 31 декември 2021 година.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира