Ќе го штитиме јавното здравје со тоа што би вовеле рестриктивни мерки за невакцинираните лица онаму каде што има можност за масовни собири, но за тоа ќе се разговара во август доколу стагнира процесот на вакцинација. Рестрикциите на вакви места би важеле и за децата кои не се вакцинирани, рече министерот за здравство Венко Филипче денес во Битола.
„Нема да имаме друга можност освен да воведеме некаква форма на рестрикција. За мерките дополнително ќе разговараме со цел да го заштитиме целокупното друго население, а тие мерки ќе се однесуваат на невакцинираните. Ние ќе го штитиме јавното здравје со тоа што би вовеле евентуално такви мерки таму каде што има можност за масовни собири, јавни настани, влез на јавни места. За конкретните мерки ќе разговараме подетално во август. Во овој момент имаме највисока стапка на вакцинација споредбено со многу земји од регионот, па и во овој дел на Европа“, рече Филипче.
Во однос на вакцинацијата на децата и младите нема да бидат наметнати правила таа да биде задолжителна за на училиште или на факултет.
„Меѓутоа, во места каде има ризик за големи собири размислуваме, без разлика дали станува збор за адолесценти или постари луѓе да важат истите рестрикции. Допрва ќе разговараме за мерките. Сакаме да се добро осмислени за да се врати животот во нормала“, додаде министерот.
Тој рече дека и сега има доволно „Фајзер“ вакцини за малолетните. Секој понеделник стигнуваат меѓу 20.000 до 30.000 вакцини, а од третиот и четвртиот квартал од директниот договор со компанијата ќе пристигнат уште 700 илјади.
Во Битола од 90.000 жители вакцинирани се 33.000, од кои 23.000 ревакцинирани. Само во Битолската болница вакцинирани се околу 80 проценти од вработените што е висок процент на заштита на здравствениот кадар.
Денес во Клиничката болница беше промовирана новата Спект гама камера наменета за испитување на функцијата на бубрезите, тироидната жлезда, венска циркулација и на малигните заболувања, па пациентите веќе нема за вакви испитувања нема да патуваат во Скопје.
„Ова е најновата технологија добиена преку Интернационалната агенција за атомска енергија од Виена. Болницата досега работеше со гама камера на Одделението за нуклеарна медицина , но овој апарат има интегрирано испитување спект и компјутерска томографија, ќе се скрати времето на снимање, поголема искористеност на радиоактивните материјали“, рече Билјана Гагачовска, директорка на Битолската болница.
Министерот Филипче додаде дека преку проект со кој аплицирале до ИПА фондовите ќе се набават потребните делови за акцелераторот и од почетокот на следната година пациентите од цел овој регион за зрачна терапија нема да патуваат во Скопје.
Ж. ЗДРАВКОВСКА