(Фото: СДК.МК)

Општина Куманово ќе ангажира лиценцирана лабораторија која ќе изврши дополнително, независно мерење на загадувањето на возухот во градот, за да се утврди фактичката состојба и со тоа да прекине политичката хајка, најавува градоначалникот Зоран Дамјановски, откако изминатите неколку денови беше мета на напади дека Куманово е најзагаден град во Европа, а локалната самоуправа не презема ништо да го реши проблемот.

„Од понеделник ќе ангажираме фирма за вонредно мерење на неколку локации во градот и ќе направиме споредба со резултатите, по што ќе го знаеме реалното загадување во градот. Мерната станица за аеро загадување е поставена во дворот на Општата болница Куманово, во близина на болничката топлана, која единствена во градот работи на мазут, иако им понудивме да се приклучат на гас. Поради неадекватната позиција на станицата сметаме дека резултатите не ја отсликуваат фактичката состојба на терен. Ова што деновиве се случува е исклучиво политичка хајка, бидејќи состојбата не е толку алармантна како што сакаат да ја прикажат нашите политички опоненти. Ние сме далеку од најазагаден град и во Македонија, а камоли во Европа. Па во Куманово не работи ниту една фабрика ниту пак имаме некој голем загадувач, а најголемите локални институции ни се приклучени на гас. Анализите покажуваат дека Куманово е на 7-8 место во државата по загаденот, а пред нас се Кавадарци, Битола, Скопје и другите градови каде градоначалниците се од ВМРО-ДПМНЕ па никој не ги споменува“, вели Дамјановски.

Советот на Општината Куманово денеска одржа и седница на која се расправаше за состојбата со аеро загадувањето на градот. При тоа беше договорено да се направи катастар на загадувачи во општината и да се побара Министерството за заштита на животната средина да постави уште една мерна станица во градот.

Повеќето советници сметаат дека Куманово не е толку загадено како што се прикажува, пред сѐ поради местоположбата и постојаните воздушни струења, но признаваат дека најголем проблем претставуваат издувните гасови на голем број автомобили во централното градско подрачје, како и сиромаштијата која ги натера граѓаните да се грејат на дрва.

СПОДЕЛИ
Претходна статијаСОРОС И КАТИЦА
Следна статијаМАВРОВСКО ЛЕУНОВО ОТСЕЧЕНО, ЗАГЛАВЕНИТЕ АПЕЛИРААТ ЗА ПОМОШ
EU logo
Oваа содржина е поддржана со грант од проектот "РеФорМедиа – Унапредување на соработката меѓу граѓанското општество, институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера", што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми и Мировниот институт од Љубљана со финансиска поддршка од Европската Унија.Содржините во оваа рубрика се одговорност единствено на Сакам да кажам, и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Европската Унија.