Земјата да организира добри избори за да продолжи да добива добри извештаи, да води поуспешна борба со корупцијата и подобро судство и до мај може да има добри вести, рече францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, пред почетокот на конференцијата „Подобрување на пристапот до обесштетување на жртвите на трговија со луѓе и родово засновано насилство“ која се одржа во Собранието.
„Треба да се организираат добри избори, да се продолжи со добивање на добри извештаи од ОБСЕ за организирање добри избори. Избирачкиот процес да биде зајакнат и со тоа ќе се испорача добра слика за Северна Македонија дека е демократска земја, но исто така дека ги исполнува Копенхашките критериуми. Би кажал дека овој собраниски состав би требало да го заврши својот мандат со усвојување на закон кој ќе спречи секаков вид на насилство врз жените“, рече Тимоние, кој рече дека амбасадата на Франција е коорганизатор на конференцијата по повод 70-годишнината од Советот на Европа.
Тој додаде дека големите политички партии треба да се договорат за начинот на организирање на изборите.
„Политичките партии треба да се договорат за поуспешна борба против корупцијата и судство кое поуспешно ќе се справи со корупцијата. Знам дека тоа е долг пат, но, ние сме на ваша страна да ви помогнеме. Знаете дека постои тој процес на ревизија на Европската Унија и доколку се дадат позитивни точки до мај и од ваша и од наша страна, мислам дека ќе успееме да добиеме добри вести“, рече Тимоние.
Е. БОЧВАРОСКА