ТРИЕСЕТ ГОДИНИ ОД ПАДОТ НА БЕРЛИНСКИ ЅИД, МОМЕНТ КОЈ ГО ПРЕОБЛИКУВА МОДЕРНИОТ СВЕТ

    ТРИЕСЕТ ГОДИНИ ОД ПАДОТ НА БЕРЛИНСКИ ЅИД, МОМЕНТ КОЈ ГО ПРЕОБЛИКУВА МОДЕРНИОТ СВЕТИлјадници луѓе нагрнаа кон границата на 9 ноември откако по грешка беше објавено дека од тој ден ќе може слободно да се патува (Фото: Гети)

    Светот често брзо се менува, но тоа тешко може да се споредува со темпото и моќта на промените од 1989 година, што кулминираше со една од најпознатите сцени во поновата историја – падот на Берлински ѕид.

    Тоа се случи на 9 ноември 1989, пет дена откако половина милион луѓе се собраа на масовен протест во Источен Берлин. Лидерите на Источна Германија се обидоа да ги смират протестите, ветувајќи олеснет режим на патување за жителите, но немаа намера целосно да ги отворат границите.

    Берлин беше поделен на 13 август 1961, прво со бодликава жица (Фото: АП)

    „Отсега ќе може приватно да се патува надвор од земјата без предуслови“, соопшти портпаролот на владата Гинтер Шабовски, појаснувајќи, по грешка, дека тоа веднаш стапува на сила.

    Всушност, новата мерка требало да стартува наредниот ден, но веста веќе беше проширена низ целата земја и Источногерманците нагрнаа на границата во огромен број. Наспроти нив, стоеле само неколкумина вооружени војници, кои не знаеле што да прават.

    „И без да пукаме, можеше да има жртви во таа мешаница. Затоа дадов наредба да се отвори границата“, се присети граничарот Харалд Јегер во интервјуто за „Дер Шпигел“ во 2009.

    Првите делови од ѕидот беа урнати на 11/12 ноември (Фото: Гети)

    Илјадници луѓе поминаа славејќи и плачејќи, а сцените го обиколија светот. Некои се качија на ѕидот и го кршеа со чекани и копачи.

    По Втората светска војна, Берлин беше поделен на четири зони, од кои советската беше на исток. До 1961 година, повеќе од 2,6 милиони луѓе пребегнаа во Западен Берлин и за да се спречи натамошен егзодус, властите на Источна Германија решија да изградат ѕид. Тоа беше направено буквално преку ноќ, на 13 август, прво со поставување на бодликава жица. Долг 153 километри и висок четири метри, ѕидот беше опремен и со 300 чуварски кули и се верува дека над 130 луѓе биле убиени во обидите да преминат на другата страна.

    Ѕидот падна по масовните протести во Источен Берлин (Фото: Гети)

    Првите делови од ѕидот беа урнати на 11/12 ноември, но како официјален датум на неговиот пад се смета 22 декември.

    Претходно, на 3 декември, Михаил Горбачов и Џорџ Буш објавија од Малта дека Студената војна е завршена.

    Жителите на источниот дел со воодушевување беа пречекани во Западен Берлин на 9 ноември (Фото: АФП)

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира