НОВИ 100 ЗГРАДИ ВО КИСЕЛА ВОДА ВО НАСЕЛБА СО ЖИТЕЛИ КОЛКУ КОЧАНИ, ОТИ САМО ТАКА МОЖЕ ДА СЕ ФИНАНСИРА ОПШТИНАТА, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ

НОВИ 100 ЗГРАДИ ВО КИСЕЛА ВОДА ВО НАСЕЛБА СО ЖИТЕЛИ КОЛКУ КОЧАНИ, ОТИ САМО ТАКА МОЖЕ ДА СЕ ФИНАНСИРА ОПШТИНАТА, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТЗгради мора да има оти градењето е единствен начин за финансирање на Општината - Градоначалникот на Кисела Вода Филип Темелковски вели дека планот е плански изготвен, со многу зелени површини.- (Фото: Ѓ. Личовски)

На 550.000 квадратни метри бруто површини, во скопски Расадник ќе никне нова населба со над 100 згради, училишта, катни гаражи, поликлиники и градинка. Сето ова се предвидува со новиот Детален урбанистички план  (ДУП) „Расадник“, кој Општина Кисела Вода го изработи и во наредните месеци треба да биде усвоен од Советот на Општината. Според бројот на предвидени згради, бројот на жители во Расадник, што е на едвај 2 километри од строгиот центар на Скопје, ќе се зголеми за над 25.000, што е исто како град со големина на Кочани или Кичево, но на неспоредливо многу помала површина. За жителите на Кисела Вода, со ваквиот план се продолжува уништувањето на градот и населбата, се нарушува хуманиот начин на живот.

За градоначалникот на Кисела Вода Филип Темелковски, пак, планот е плански изготвен, со многу зелени површини, а вели згради мора да има оти градењето е единствен начин за финасирање на Општината.

Јавната анкета за планот завршува денеска, а досега до Општината се поднесени 170 барања за измени на планот од граѓани и доставени 60 анкетни листови. (Фото: Ѓ. Личовски)

Откако планот беше изложен на јавна анкета на 30 октомври, жителите на Кисела Вода побараа тој веднаш да биде стопиран, бидејќи се предвидуваат нови згради, дури и во зелени површини.

Со планот целосно се урбанизира празниот и запуштен простор познат како Расадник, каде се предвидуваат 100 згради со катност од 5 до 15 ката, училишта, градинка, поликлиника, катни гаражи. Згради се предвидуваат и во паркот спроти основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ и до бензинската пумпа на улица Христо Татарчев.

„Тајно и нетранспарентно, без никаде да се објави, Општина Кисела Вода на 30 октомври одржа јавна презентација на планот. Напикаа згради на секое делче од слободната земја, иако повеќе пати бевме и молевме, аргументиравме, поднесувавме официјални барања за зеленило, за основни услови за живот. Затоа, како граѓани собираме потписи и петиции, ќе организираме протести за да го браниме правото на живот и животна средина. Не сакаме да живееме како примитивци“, велат жителите на населбата Расадник.

Зграда се предвидува и во паркот спроти училиштето „Кирил Пејчиновиќ“. (Фото: Ѓ. Личовски)

Јавната анкета завршува денеска, а досега до Општината се поднесени 170 барања за измени на планот од граѓани и доставени 60 анкетни листови.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски, вели дека планот за Расадник е плански направен, обезбедено е зеленило од 20 отсто во секоја градежна парцела, паркови и паркинг места.

Со планот целосно се урбанизира празниот и запуштен простор познат како Расадник што е на 2 км од строгиот центар на Скопје, каде се предвидуваат 100 згради со катност од 5 до 15 ката, училишта, градинка, поликлиника, катни гаражи. (Фото: Ѓ. Личовски)

„Станува збор за околу 50 згради со ламели и затоа излегува дека ќе има над сто згради. Ние со овој план го намаливме бројот на згради. Претходниот план кој бил направен не поминал на Советот, бидејќи бил вратен од Министерство за образование оти немало предвидено училишта. Сега се нацртни основно и средно улилиште, градинка, три катни гаражи и поликлиника. Се проектира нова улица под која ќе има паркинг. Дополнително се предвидени и три големи паркови. Во секој парцела инвеститорот треба да обезбеди дополнително 20 отсто зеленило“, вели Темелковски.

На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто мора на секој простор да се цртаат згради и зошто овој простор не стане парк со спортско-рекреативни содржини имајќи ја во предвид состојбата со непланско градење, немање доволно паркинг места и зеленило во градот и општината, Темелковски вели тоа не е можно оти поголем дел од имотот е приватен.

„Таму со денационализација е вратен имотот. Сопственците бараат дури и поголема катност и површини за градење. Општината нема пари да ги откупи сите тие имоти за да направи парк или други содржини како што велите вие. Дополнителен проблем е што 70 отсто од финансирањето на Општината е од комуналии за градба. Ако не се гради, Општината нема да има пари. Ваквиот закон за финансирање на Општините е лош, 70 отсто од парите доаѓаат од градење, а другите 30 отсто од ДДВ и данок на имот. Со парите од даноци општините не можат ништо да направат. Затоа, преку ЗЕЛС бараме наместо 3 проценти од ДДВ, на општините да им се следуваат 10 проценти“, додава Темелковски.

Тој сепак не се осврнува на фактот дека исто колку бројот на згради проблем е и нивната катност. Ако го има јавниот интерес во предвид, Општината сепак, треба да не дозволи да се градат 15-катници, како што предвидела со планот, туку многу пониски.

Маркичка за зграда е вцртана и на ќошот до бензинската пумпа на улицата Христо Татарчев. (Фото: Ѓ. Личовски)

Во однос на зградите кои се вцртани во веќе изградениот дел од населата Расадник, Темелковски вели дека се разгледуваат можностите маркичките на тие 4 згради да се тргнат.

„Правиме напори маркичките кај ‘Мечкаров‘ и во паркот спроти училиштетот ‚Кирил Пејчиновиќ‘ да ги тргнеме. Станува збор за приватни имоти, но ги разбираме забелешките на граѓаните и работиме на тоа“, вели Темелковски.

А. АНТЕВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира