Миле Јовановски, таткото на Бојан Јовановски-Боки 13, денеска како обвинет во Кривичниот суд во целост призна дека на Божик во 2017 го тепал со боксови и клоци неговиот прв сосед свештеникот Виктор Стојчев и оти му нанел тешки телесни повреди.
„Го признавам делото, иако не во целост. Никој не вршеше притисок врз мене да признаам. Да, во целост ќе ја платам штетата на оштетениот“, одговараше Јовановски на прашањата на судијката Александра Ристевска.
Оштетениот Виктор Стојчев дојде во мантија. Кога му кажа судијката дека Јовановски ја призна во целост вината, рече дека се придружува кон кривичен прогон против него и оти ќе бара отштета од обвинетиот во граѓанска постапка.
Обвинителката Имран Османи рече дека настанот се случил на 7 јануари 2017, во дворот на оштетениот Стојчев. Кога попот стигнал со неговиот џип со бугарска регистрација, почнал да свири бидејќи било паркирано друго возило. Потоа се појавил Боки 13 и го препаркирал возилото. Но, од соседната куќа се појавил татко му Миле Јовановски кој ја отворил вратата од џипот на Стојчев и почнал да го удира со десната рака со тупаници. Откако попот излегол од возилото, Миле продолжил да го удира со нозете, по што попот паднал на земјата. Напаѓачот паднал врз попот и продолжил да го мава. На попот му бил скршен клучниот зглоб од левата нога.
Во завршни зборови, Миле Јовановски се пожали дека провокациите на соседот свештеник продолжуваат и денеска, оти тој не престанува да пишува на Фејсбук за семејството Јовановски.
Судијата Ристевска најави изрекување на пресудата в понеделник.
С. К. ДЕЛЕВСКА