Владата својата редовна 165. седница вечерва ја одржува во зградата на Општина Тетово. На седницата покрај ресорните министри, присутни се и градоначалниците на општините од полошкиот регион.
„Ги поканивме градоначалниците на овие општини за да ги добиеме информациите од интерес на граѓаните и согласно тоа да ги димензионираме нашите политики и одлуките за проекти кои може да се реализираат заедно со централната власт“ изјави премиерот Зоран Заев на средба со новинарите пред почетокот на седницата.
Пред пристигнувањето на премиерот Заев во Тетово, членови на ВМРО-ДМНЕ, Алијанса на Албанците и од Движењето Беса, одржаа одделни протести. Дел од барањата на трите протестантски групи беа идентични односно тие побара да се преземат итни мерки за намалување на загадувањето во Тетово, воведување јавен превоз и доизградба на гасоводната мрежа во Тетово. На демонстрантите од ВМРО-ДМПНЕ не им беше дозволено протестот да го направат пред општинската зграда, додека демонстрантите од Алијанса на Албанците и од Движењето Беса успеаја да се доближат до општинската зграда и тука да ги прочитаат своите барања.
„Слободата на протести е врвно демократско право и ние го почитуваме тоа право и граѓаните треба да го изразуваат. Нашиот политички опонент ВМРО-ДПМНЕ секако треба да биде авангардата на изразување на незадоволството, но да правиме и рекапитулар, тие за 11 година како беа на власт не направија ништо“, истакна Заев кој притоа даде одговори и на другите поставени барања во врска со изградба на училишта во Голема Речица и Селце, со гасификацијата на регионот, доизградбата на театарот во Тетово и други прашања.
Како позначајни точки од дневниот ред за кои ќе се расправа на денешната седница премиерот Заев ги посочи изградбата на заобиколниот пат околу Тетово и разгледување на физибилити студијата за Попова Шапка.
Во текот на денешниот ден неколку министри од Владата престојуваа во Тетово и Гостивар и извршија увид во одвивањето на градежни работи на неколку објекти и посетија фирми кои добиле поддршка од владините програми за развој и отворање нови производствени капацитети.
З. АНДОНОВ