Јордан Цеков-Дане, учесник во Народноослободителната борба од 1941, командант на Третата македонска ударна бригада со која на 13 ноември 1944 учествувал во ослободувањето на Скопје, почина на 98 години.
На 2 август 1944, Цеков бил командант на третиот баталјон на Третата македонска ударна бригада, што бил задолжен за непосредно обезбедување на Првото заседание на АСНОМ во манастирот Свети Прохор Пчински.
Во повоениот период бил пратеник во Собранието на Народна Република Македонија.
„Мора секогаш да се избере вистинскиот сојуз и вистинската страна. Ние за време на НОБ ја избравме големата антифашистичка коалиција. Денес, нашиот избор е НАТО – најмоќната воена Алијанса во историјата.Тогаш идејата на АСНОМ беше да бидеме дел од Југославија, а денес нашата идеја е членство во Европската унија. Мојата порака е сите да се обединиме за овие цели и да бидеме единствени“, рече Цеков на средбата со претседателот Стево Пендаровски пред годинешната прослава на 2 Август – Илинден што се совпадна и со 75-годишнината од Првото заседание на АСНОМ.
Роден е во 1921 во Куманово, во тогашното Кралство СХС, како трето дете на Денко и Вета Цекови. Од средината на 1938 бил член на Сојузот на комунистичката младина на Југославија (СКОЈ), и на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) и на Комунистичката партија на Македонија (КПМ) од 1943.
На покана на британската Кралска легија на 13 ноември 2005 учествувал на парадата на воените ветерани во Лондон. Цеков е носител е на „Партизанска споменица 1941“ и други воени одликувања. Автор е на 18 книги и 122 статии објавени во весници и списанија.