Како нова членка на НАТО, носиме придонес за стабилноста и просперитетот на Западен Балкан, кажа премиерот Зоран Заев на конференцијата „НАТО се ангажира“ во Лондон, што се одржа во пресрет на тридневниот самит на лидерите на НАТО.
Заев во Лондон е придружуван од министерката за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
„Го остваруваме сонот на сите во Северна Македонија. Тоа беше наша стратешка цел 25 години. Членството во НАТО е аспирација на многу минати генерации, остварување на нашата сегашна генерација и визија за идните. Со членството во НАТО добиваме стабилност и безбедност, како и перспектива за нашата економија“, кажа Заев.
Тој истакна дека земјата останува цврсто посветена на борбата против организираниот криминал и корупцијата и на демократските реформи.
„Веќе немаме отворени проблеми со соседите и во тоа сме единствени во регионот на Западен Балкан. Проблемот со името беше отворен три децении и тоа беа три децении неизвесност за нашата иднина“.
Македонија очекуваше на Самитот во Лондон да стане 30. членка на НАТО, но процесот го закочи Шпанија поради вонредните парламентарни избори, останувајќи единствена земја која не го ратификувала Пристапниот протокол.