РАСКИНАТ ДОГОВОРОТ ОД 1,2 МИЛИОНИ ЕВРА НА СТРУМИЧКИ КОМУНАЛЕЦ СО ПРИВАТНА ФИРМА ЗА СОБИРАЊЕ СМЕТ

    РАСКИНАТ ДОГОВОРОТ ОД 1,2 МИЛИОНИ ЕВРА НА СТРУМИЧКИ КОМУНАЛЕЦ СО ПРИВАТНА ФИРМА ЗА СОБИРАЊЕ СМЕТГрадоначалникот на Струмица Коста Јаневски денеска соопшти дека договорот е раскинат спогодбено, без какви било правни последици за двете страни; - Струмички Комуналец собира отпад со трактор. (Фото: СДК.МК)

    Раскинат е договорот за собирање смет од 1,2 милиони евра што минатата недела струмички „Комуналец“ го склучи со приватната фирма „Дасмак“. Градоначалникот на Струмица Коста Јаневски денеска соопшти дека договорот е раскинат спогодбено, без какви било правни последици за двете страни. Раскинувањето дојде откако јавноста остро реагираше, а пред три дена лично и градоначалникот побара договорот да се повлече бидејки бил несоодветен и можеле да се изнајдат други решенија за собирање на сметот од градот и населените места.

    „Сакам да ја информирам јавноста дека договорот којшто ‘Комуналец’ го имаше склучено со одредена фирма за собирање смет денеска е раскинат и тоа спогодбено, со што ниту едната ниту другата страна нема да имаат правни последици од овој договор. И порано и сега сметам дека оваа реакција вроди со плод сè со цел за ваквите одлуки кои што ги интересираат нашите сограѓани и кои што се од голема важност за нив да се одвиваат потранспарентно со поширока дебата со поиздржани решенија“, рече градоначалникот Јаневски.

    При крајот на ноември, по распишаниот јавен тендер преку Бирото за јавни набавки, струмички „Комуналец“ потпиша договор за ангажирање фирма по потреба за собирање смет од општината. Директорот на ова јавно претпријатие Зоран Георгиев тогаш рече дека договорот се склучува бидејки возниот парк на „Комуналец“ е истрошен, а е зголемен обемот на работа со оглед дека претпријатието оваа година почна организирано да го собира сметот од сите населени места во општината.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира