Жителите на дивата населба под скопско Кале се сместени во капацитети на Министерството за труд и социјална политика во Визбегово. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и градоначалникот Петре Шилегов, во рамките на денешната акција за чистење, најавија урбанизација на овој дел за да не може повторно да биде населуван, да се подигнуваат диви населби и секојдневно да се палат огнови и да се гори пластика и гума.
„Обезбедивме соодветно сместување за 14 семејства или 80 лица во Визбегово, зад Домот за азиланти. Покрај што им обезбедивме топол дом, децата ќе посетуваат дневни центри, училиште. Системот на социјална заштита е ситем на обиди и грешки. Постојано работиме со овие лица. Тие можеби напролет пак ќе се населат тука. Сите знаеме дека доаѓаат тука оти собираат пластика, но ние се трудиме да постигнеме нивна интеграција во општеството, да ги вработиме и да ја добиваат онаа плата која претходно ја заработувале. Навиките кои се стекнувале со децении, не се менуваат за еден ден“, рече Царовска.
Градоначалникот Петре Шилегов кажа дека Градот ќе ја испита сопственоста на оваа парцела и доколку станува збор за приватно лице, ќе им наложат да ја урбанизираат.
„Ова е една од локациите кои беа посочувани како места каде се палат огнови кои придонесуваат за загадувањето на воздухот. Преку урбанизација на просторот ќе спречиме повторно населување на оваа парцела“, рече Шилегов.
Шилегов додаде дека во буџетот за наредната година се предвидени пари за чистење на големите депонии во населбите Бутел, Ѓорче Петров и Лисиче.
А. АНТЕВСКА