Највисоки концентрации на ПМ10 честички беа измерени околу полноќ во Битола во споредба со сите други градови во земјава. На официјалната страница за квалитет на воздухот на Министерството за животна средина беа објавени податоци дека мерната станица Битола 2, која се наоѓа во центарот на Битола, измерила 341 микрограм на метар кубен суспендирана прашина. Втор на листата, по Битола е Струмица со измерени вредности од 249 микрограми, а на трето место Тетово со 155 микрограми.
Во Битола беше позагадено дури и од главниот град Скопје каде вредностите околу полноќ беа три пати помали.
За високо загадување вчера алармираше и Платформата „Земи здив“. Од таму и во текот на минатата недела регистрирале зголемени концентрации на загадувачките ПМ10, ПМ2,5 И ПМ1 честички. Најголемо загадување регистрирала мерната станица во Баир, потоа мерните станици во Бадембалари, Јени Маале и Баир беа со повисоки вредности, а Декорпод, СН Центар и Општина Новаци со релативно пониски вредности.
Ж. ЗДРАВКОВСКА