Граѓанска работна акција е организирана за утре и задутре за да им се помогне на жителите во поплавените делови на Булачани, Илинден, Смилковци, Бутел, Ченто, Сингелиќ, Црешево, Стајковци, Инџиково, Арачиново да си ги расчистат штетите во домовите.
„Сега е време ние да ја споделиме својата солидарност со нив, своето срце да го покажеме на терен, со труд“, се вели во повикот до сите што се во можност да излезат на терен и да помогнат, објавен на Фејсбук во групата „Хуманитарна помош за поплавените семејства во Скопје“ каде се споделуваат информации што се случува со ситуацијата на терен, каде е потребна помош, кој нуди помош.
За превоз до поплавените реони ЈСП Скопје од денес обезбеди бесплатен превоз за волонтерите кои ќе помагаат. Автобусите ќе поаѓаат во 9:00, 12:00 и 15:00 часот, а поаѓањето ќе биде од Ѓорче Петров – пред црквата Св. Петар и Павле, Кисела Вода – пред општина Кисела Вода, Бутел – пред стара општина Бутел. Крајна точка е Обиколница (Пункт накај Стајковци). Последното враќање назад е во 19:00.
Шест дена по поплавата во која загинаа 22 луѓе, Владата одлучи авансно да ги обесштети поплавените граѓани во висина од 1,5 милиони евра, соопшти вчера премиерот Емил Димитриев.
„Тие средства после ќе бидат вкалкулирани во средствата кои ќе бидат како отштета, но сметаме дека е добро авансно да се реагира бидејќи на некои луѓе и сега им требаат“, рече Димитриев.
На жиро сметката на Фондот за солидарност на Црвен крст до вчера се уплатени 16.956.072 денари или 275.708 евра, а од донирањето на 100 денари со повик на телефоните: 075/070/077 143 400 собрани се 9.348.000 денари или 152.000 евра. Црвениот крст апелира да се донираат конзервирана и бебешка храна, пелени, вода за пиење, средства за хигиена, средства за дезинфекција, лопати, гумени чизми, кофи, гумени ракавици и батериски лампи.
Тимот експерти на Европската Унија вчера изјави дека пропусти во градежното планирање можеби е една од причините за големите последици од поплавите кои во саботата го погодија Скопје и околината. Експертите вчера ги посетија и извршија увид во подрачјата во Скопје погодени од невремето.
„Треба да се анализира капацитетот на каналите и на дренажата и тие треба да се одржуваат. Постои можност планирањето да не е како што треба. Можеби куќите се изградени на места кои се подложни на поплави. Така што, поплавите можеби не може да се избегнат, но сепак, може да се направи повеќе со цел да се ублажи штетата“, изјави шефот на Одделот за соработка на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Мартин Клауке.
Македонија во понеделникот го активираше Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, по што во земјава беше испратен тим на експерти кои треба да извршат проценка на предизвиканата штета и да дадат препораки на властите за цивилна заштита на национално и на локално ниво. Преку механизмот беше ангажиран и сателитот „Коперник“ кој направи сателитски снимки од подрачјата во Скопје и околината, погодени од невремето, кои треба да помогнат во справувањето со последиците.
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски во договор со координаторите на пратеничките групи, одлучи за 14 август да закаже посебна седница посветена на состојбата во поплавените подрачја, на која се очекува Владата да го извести Собранието за состојбата и за превземените мерки во за санирање на последиците.
Седницата е закажана откако академик Владо Камбовски во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК завчера го повика Вељаноски да го стори тоа и да се донесе закон за забрана на сите нестопански инвестиции, освен оние кои се од важност за безбедноста на државата и нивно пренасочување за потребите на илјадниците граѓани кои претрпеа стравотна материјална штета, изгубија најблиски, ги изгубија домовите.
Илија Димовски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на новинарско прашање дали некој треба да преземе политичка одговорност за последиците од поплавите, рече дека е нецивилизациски и неодговорно во вакви моменти да се заборува за тоа.
„Е ова е тој контекст за кој што зборувам дека е нецивилизациски и неодговорен во вакви моменти. Мислам дека во овој момент повеќе треба да дискутираме како да помогнеме на луѓето, има време секогаш да се дискутира за тоа. Начелно она што го имам како информација на преземени активности последните десет години за чистење канали, за градење инфраструктура, средства кои се трошат од државниот буџет и од буџетот на општините се неколкукратно поголеми, отколку било кога досега, но нема да навлегувам понатаму со одговор заради тоа што мислам дека не смееме во тој контекст да ја водиме расправата“, рече Димовски и повика седницата на Собранието „да не биде злоупотребена за ситно политиканство“.