Згради кои се дивоградби и објекти во заштитеното подрачје на Охридскиот регион нема да може да се легализираат со новиот Предлог-закон за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти. Новиот закон се однесува за дивоградби изградени до 1 октомври 2019 година.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска на прес-конференција го претстави новото законско решение, кое помина на последната владина седница и доставено е до Собранието. Според Сугарески целта на законот е да се ставело крај на градењето на бесправни градби и узурпација на просторот.
„Новина во овој закон е и тоа што со него не легализираме дивоградби за едно евра за квадрат туку граѓаните ќе треба да си ги платат комуналиите во општината како што плаќаат оние кои легално градат и плус 50 отсто казна од пресметаната сума на комуналии. Згради како и бесправни доградби и надградби на зградите на пример тераси нема да може да се легализираат Со ова покажуваме дека не стимулираме граѓаните да продолжат да градат на диво, на кого му се исплати да гради нелегално, кога за тоа се плаќа казна“, рече Сугарески.
Со Предлог-законот се овозможува легализација на бесправните објекти од јавен интерес сопственост на државни органи, општините или правни субјекти основани од државата, а кои заклучно со 1 октомври 2019 година се градежна целина. Во рамките на Охридскиот регион ќе можат да се легализираат само оние објекти кои претставуваат функционална целина до 1 октомври 2019 година и кои според Студиите за оцена на влијанијата врз животната средина и Студиите за оцена на влијанија врз културното наследство не ги загрозуваат универзалните вредности согласно УНЕСКО.
„За бесправните објекти кои се изградени во одредени заштитени подрачја на пример заштитен крајбрежен појас на природни и вештачки езера и речни корита, национални паркови и така натаму, се предвидува да се побара согласност за легализирање од органите надлежни за управување со овие подрачја. За да може да се легализира бесправниот објект, тој треба да е компатибилен со намената на планската документација а доколку постои неусогласеност со планската документација или пак објектот се наоѓа надвор од плански опфат, Советот на единицата локална самоуправа треба да одлучи дали објектот ќе може да се вклопи во планската документација“, стои во Законот за легализација на дивоградби.
„Законот очекувам без проблеми да пројде во Собранието бидејќи нема големи разлика од претходниот. Затоа и го носиме во скратени постапка. Оние граѓаните кои не успеале поради одредени причини да ги легализраат своите објекти според претходниот закон кој важеше до 2018 година може тоа сега да го направат“, рече Сугаревски.
Според податоците на Министерството за транспорт и врски досега легализирани се 240.000 објекти, а има уште 100.000 дивоградби.
А. АНТЕВСКА