Судскиот совет денеска одлучи да му го одземе имунитетот, но го одби барањето за притвор на судијата Зоран Теофиловски, кој е првоосомничен во истрагата за нелегална приватизација и легализација на државен имот во Тетово, при што уапсени беа пет службени лица од Општина Тетово. Групата, на чело со судијата Теофиловски, со серија незаконски дејства го оштетила државниот Буџет за 860.000 евра.
„Судскиот совет донесе Решение со кое го одзеде имунитет на член на Советот заради непречено водење на кривичната постапка, и донесе Решение со кое не го одобри барањето за определување на мерка притвор за член на Советот, поднесено од страна на судија на претходна постапка на Основниот кривичен суд Скопје“, се вели во кусото соопштение на Судскиот совет.
Теофиловски, кој е судија од Апелациониот суд Гостивар и член на Судскиот совет, утринава по 24 часа бегство, самиот се пријави кај судијата Седат Реџепагиќ во Основниот суд Скопје 1, а за барањето на обвинителот за притвор од 30 дена, се повика на судискиот имунитет.
Обвинителството за организиран криминал и корупција кое вчера ја отвори истрагата бараше притвор за сите пет лица, а судијата Реџепагиќ им одреди куќен притвор.