Лидерот на косовското Движење за самоопределување Албин Курти, најави дека ќе го предложи универзитетскиот професор и поранешен македонски амбасадор Блерим Река за министер за надворешни работи и дијаспора. Река беше независен кандидат за претседател на Северна Македонија на изборите минатата година, а неговата кандидатура ја поддржаа партиите Алијанса за Албанците и Движење Беса. Река, кој отпадна од трката во првиот круг, но освои речиси 80.000 гласови, повика на масовно излегување на гласачите во вториот круг на 5 мај 2019 за да се „поддржи евроатлантскиот процес на државата“.
Курти денеска пред состанокот со косовскиот претседател Хашим Тачи ги објави имињата на пет идни министри и заменици министри на неговата влада, јави дописникот на МИА од Приштина. Се очекува Курти, како лидер на победничката партија на изборите да се номинира како мандатар за идната косовска влада.
Во видеопораката што ја објави на својот Фејсбук профил, Курти кажа дека вицепремиер ќе биде Хаки Абази, позицијата министер за правда ќе ја извршува Албулен Хаџи, министер за финансии – Бесник Бесљими додека Розета Хајдари ќе ја извршува функцијата министер за економија и Арбен Вита ќе биде шеф на Министерството за образование и спорт.
Засега нема потврда дали е постигнат договор за коалиција. На списокот нема име за министер за внатрешни работи бидејќи Самоопределување инсистира за тоа министерство.
Попладнево е закажана средба на Курти со претседателот на Косово на која треба да го добие мандатот за формирање нова влада. Потоа, тој ќе има 15 денови за предлог до Собранието за составот на идниот кабинет.