ПЕЛИСТЕР Е НАЈПОЗНАТ ПО ОЧИТЕ НА ВРВОТ, НО КРИЕ ОСУМ ПЛАНИНСКИ ЕЗЕРА

    ПЕЛИСТЕР Е НАЈПОЗНАТ ПО ОЧИТЕ НА ВРВОТ, НО КРИЕ ОСУМ ПЛАНИНСКИ ЕЗЕРАГолемото Езеро е атракција во сите годишни времиња. (Фото: С. Петровски)

    Пелистер е на далеку познат по Пелистерските Очи, двете езера на врвот, но помалку се знае дека планината има дури осум езера. Истражувачот Драган Василевски од Институтот по географија, во неговиот труд „Езерата во Националниот парк Пелистер како важни туристички мотиви“, посочува дека постојани езера на Пелистер се Големото и Малото, како и Димитрово Езеро, кое се смета и за истечно, зашто низ него проаѓа Езерска Река, која потоа тече кон селото Нижеполе.

    Периодични езера на Пелистер се Орлово Езеро (наречено и Орлови Бари), езерото во форма на бројот осум, наречено Осумка и Болници, кои имаат вода само во влажните периоди од годината. Две езера, понекогаш и четири, се повремени и се формираат јужно од Болници и јужно од Големото Пелистерско Езеро.

    Малото Езеро фотографирано од авион (Фото: П. Ставрев)

    За планинарите и посетителите најатрактивно е Големото Пелистерско Езеро, кое е најпосетено и претставува атракција во сите годишни времиња поради бојата на водата, обликот и големината. Дел од посетителите во летниот период, оние похрабрите, се разладуваат во него, а во зимскиот период, исто така похрабрите, сакаат и да се прошетаат по неговата замрзната површина. И едните и другите го прават тоа заради фотографирање“, вели Пеце Цветановски, лице за односи со јавност во Националниот парк (НП) Пелистер.

    Студијата за валоризација/ревалоризација на НП Пелистер, која е изготвена, и новиот План за управување со НП Пелистер предвидуваат појасот околу езерото да биде прогласен за зона со дозволен пристап за посетители, затоа што патот кој води до таму е од суштинско значење за спречување опасности од пожари, додека пошироката околина ќе остане во делот на строго заштитената зона на националниот парк.

    Орлово Езеро е именувано по месноста која личи на бара, од која се верува дека орлите пијат вода (Фото: Љ. Ѓоревски)

    Освен Пелистерските Очи, останатите езера се помалку популарни, иако се наоѓаат крај пешачки патеки. Името Орлово Езеро доаѓа по месноста која личи на бара, од која се верува дека орлите пијат вода. Езерото Болници пак го носи името по истоимената област каде има извори, а во Првата светска војна на тој простор биле прифаќани ранети војници.

    Сите езера се сместени на надморска височина од 2.039 до 2.225 метри и од нив се шири прекрасна глетка. Највисока температура од 21 Целзиусов степен била измерена кај Малото Пелистерско Езеро во август 2000 година. Малата длабочина кај некои езера овозможува проѕирност на водата до самото дно.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира