Вдовицата на пилотот на украинскиот авион што беше урнат со ирански проектил набргу по полетувањето од аеродромот во Техеран изјави дека го молела да не лета од страв дека во Иран би можела да избие војна.
Катерина Гапоненко вели дека нејзиниот сопруг Володимир мислел дека повратниот лет од Киев во Техеран ќе биде откажан поради зголемените тензии во регионот откако во американски воздушен напад беше убиен иранскиот генерал Солејмани.
„Го молев да не лета. Но, тој ми кажа: ‘Ако не сум јас, нема кој. Ако авионот мора да лета според распоредот, тогаш мора да летам‘. Го молев да остане“, изјави Гапоненко за „Скај њуз“.
Володимир Гапоненко, кој зад себе имал 11.000 часови лет, управувал со кобниот авион „боинг 737-800“ за Иран на 7 јануари и наредниот ден тргнале назад, кога тој се урнал. Иранците денеска конечно признаа дека по грешка го погодиле авионот со проектил, сметајќи дека се движи кон „чувствителен воен центар“. Притоа загинаа сите 176 патници и членови на екипажот, главно Иранци и Канаѓани со иранско потекло.
Генералот на авијацијата Амир Али Хаџизадех изјави дека Иранската револуционерна гарда презема целосна одговорност за уривањето на авионот.
„Надлежниот за проектилите дејствуваше самостојно. Тој имал десет секунди да реши дали ќе пука или не и донесе погрешна одлука. Тоа беше проектил со краток домет што експлодирал веднаш до авионот. Посакав да сум мртов кога дознав за тоа“, изјави Хаџизадех.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од Иран да им суди на виновниците и да ги обесштети семејствата на жртвите.
„Ден пред да летаат, почнаа тензиите во регионот. Не знам зошто летот не беше откажан. Не ме интересира кој е виновен, но да се дозволи овој лет, беше самоубиствена мисија“, додава Гапоненко.