Да се распише конкурс за тоа какви содржини ќе се предвидат со новиот Детален урбанистички план (ДУП) за просторот на поранешната фабрика „Треска“ во Општина Центар. Поранешната претседателка на Здружението на архитекти на Македонија Даница Павловска-Циги, во име на повеќе професори, архитекти членови на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Академијата на архитекти, Комората на овластени архитекти, како и граѓанските здруженија „Здравје пред профит во Центар“, „О2 коалиција“ и „Транспарентност Македонија“, поднесе иницијатива до Општина Центар за распишување Архитектонски урбанистички конкурс за локацијата на фабриката „Треска“.
Ваквата иницијатива произлегува откако во јавноста почна да се зборува дека со новиот план „Буњаковец 2“ , кој во моментов се прави во рамките на мораториумот, а во кој влегува и просторот на фабриката, се превидуваат нови згради во центарот на градот.
„Граѓанскава иницијатива ја поднесуваме со верба во создавање на нова урбанистичка визија за локацијата на фабрика ‘Треска‘ што конкретно подразбира предвидување, организација и спроведување на архитектонско урбанистички конкурс со соодветна програмска задача. Нашето длабоко уверување во успехот на институцијата конкурс е неприкосновено, а аргументацијата на конкурсот како компетитивен демократски процес е проверена. Таквиот потез индицира разумно делување, претставува гарант за побогата идејност и очигледна предност, а што е особено важно, позитивно ќе го одбележи времето што го живееме“, се вели во граѓанската иницијатива која вчера беше доставена до градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.
Градоначалникот Богдановиќ вели дека уште не ја видел иницијативата која вчера била доставена до архивата на Општината, но отворен е да разговара за каков било предлог со стручната јавноста и со предлагачите на оваа иницијатива.
„Мора да се има предвид дека ние веќе имаме избрано фирма која го прави новиот план за овој дел. Во секој случај, наредната недела ќе ги повикам на состанок предлагачите на иницијативата за да дискутираме за ова прашање и да најдеме решение“, вели Богдановиќ.
Градоначалникот Богдановиќ не кажува колку згради ќе има на овој простор бидејќи планот сѐ уште се изработува, а тоа ќе се знае кога ќе биде готов.
А. АНТЕВСКА