350 ПОЖАРИ ИМАЛО ЛАНИ ВО ВЕЛЕШКО

    350 ПОЖАРИ ИМАЛО ЛАНИ ВО ВЕЛЕШКОВо пожарот кај езерото Младост летоска изгореа 400 хектари површина. (Фото: СДК.МК)

    Лани на Територијалната противпожарна единица Велес имало регистрирано 351 пожар. Тоа е далеку повеќе отколку во 2018 година, кога биле регистрирани 250 пожари. Од нив 303 пожари се на територијата на општина Велес, девет во општина Градско, а 30 во Чашка.

    „Промените на климатските услови го прават своето и во иднина ќе биде полошо. Неодминливо е и кај нас ова што се случува, заедно со неодговорниот однос на  одредени наши сограѓани. Во најголем дел пожарите се предизвикани од човечки фактор, некогаш од невнимание или од криминални групи кои сакаат да остварат одреден економски интерес од тоа. Нашиот одговор е во вложување во против пожарната единица и засадување нови шумски површини“, вели градоначалникот Аце Коцевски.

    Двата најголеми пожари се случија кон крајот на август, првиот кога изгореа 400 хектари површина околу езеро Младост и на влезот во градот како и два километри од дрвените прагови на пругата кон Кочани. Истовремено неколку дена во другиот дел на општината, гореше и околу село Ораовец и село Војница, каде изгореа 600 хектари површина.

    Кон крајот на годината изгоре куќата на Паунови, една од петте заштитени во старото градско јадро Варналиите. Во неа изгоре и едно лице, седумдесет годишниот сопственик.Тој не е единствената жртва на пожарите годинава. На крајот од февруари палејќи стрниште 80 годишен жител на селото Мартолци изгоре во огнот. На почетокот на минатата година, во сопствената куќа изгоре осумдесетгодишен жител на Горно Оризари.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира