ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЈА ОТФРЛИ КРИВИЧНАТА ПРИЈАВА ЗА БАРОКНАТА КАТНА ГАРАЖА ПОРАДИ КОЈА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БОГДАНОВИЌ ЌЕ СЕ САМОЗАПАЛУВАШЕ

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЈА ОТФРЛИ КРИВИЧНАТА ПРИЈАВА ЗА БАРОКНАТА КАТНА ГАРАЖА ПОРАДИ КОЈА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БОГДАНОВИЌ ЌЕ СЕ САМОЗАПАЛУВАШЕГрадоначалникот Саша Богдановиќ на 14 ноември 2019 зборува со граѓани кои протестираат на паркингот каде треба да никне барокна осумкатницата. Собраните граѓани најавија дека со стражи ќе го чуваат просторот и нема да му дозволат на инвеститорот да гради. Градоначалникот Богдановиќ тогаш ги уверуваше дека општината нема да дозволи градба и ќе ги преземат сите мерки ’криминалниот договор да се раскине‘ и овој простор да си остане паркинг. (Фото: К. Попов)

    Основното јавно обвинителство ја отфрли кривичната пријава поднесена против пет лица во врска со продажбата на државно земјиште во Општина Центар на фирмата „Никофон“ кај „Аутомакедонија“, кај што треба да се гради барокна катна гаража од проектот „Скопје 2014“.

    Скопското обвинителство, постапувајќи по кривичната пријава поднесена од две физички лица против поранешен министер за транспорт и врски, поранешен градоначалник, вработен во Министерството за транспорт и врски и државен правобранител, за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување, оцени дека во дејствијата на пријавените не се содржани битните елементи на пријавеното кривично дело, ниту пак на друго кривично дело за кое гонењето се презема по службена должност.

    Кривичната пријава се однесуваше на евентуални неправилности во поглед на неисполнување на договорните обврски од склучен договор меѓу Министерството за транспорт и врски како отуѓувач на градежно земјиште во државна сопственост со фирмата „Никофон“ по пат на електронско јавно наддавање.

    На 13 ноември, на паркингот каде треба да никне барокна осумкатницата се собраа граѓани кои најавија дека со стражи ќе го чуваат просторот и нема да му дозволат на инвеститорот да гради. Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ на 15 ноември за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека од нивна страна сè е направено, целата документација е доставена до Скопското обвинителство и до МВР, останува уште да се самозапали.

    Во соопштението на Основното јавно обвинителство Скопје се вели дека кривичната пријава била поднесена без да биде приложен ниту еден доказ како поткрепа на наводите, по што биле испитани претставници на Општина Центар, претставник на Министерството за транспорт и врски, претставник на Државното правобранителство, претставник на банката од која бил земен кредит со залог на земјиштето, нотарот пред кој бил солемнизиран договорот, како и управителот на правното лице – купувач на земјишната парцела. Од Обвинителството велат дека градоначалникот Богдановиќ бил испитан во два наврати.

    „Во текот на постапката, од Општина Центар беа доставени и нови поднесоци и обраќања до Јавното обвинителство во кои се наведуваше дека по преземањето на надлежноста за управување со градежното земјиште на подрачјето на општината биле констатирани повеќе нелогичности и било утврдено дека почетната цена за јавното наддавање била неправилно формирана, како и дека не бил земен предвид приговорот на вториот наддавач кој се жалел на дефект на интернет конекцијата за време на електронската аукција. Со оглед на тоа што поднесоците даваа дополнителни наводи и други околности во предметот, јавниот обвинител презеде и дополнителни истражни дејствија за утврдување на фактите, па испита и двајца претставници од Комисијата која го спровела електронското јавно наддавање во врска со формирањето на почетната цена и со приговорите на останатите учесници. Во исто време, јавниот обвинител се обрати и до Министерството за транспорт и врски и побара разјаснување на начинот на кој била формирана почетната цена на земјиштето, а во два наврати беше испитан и актуелниот градоначалник на Општина Центар“, велат од Скопското обвинителство.

    Во поглед на неисполнувањето на договорниот рок од страна на фирмата купувач „Никофон“ да прибави одобрение за градба, од Скопското обвинителство велат дека станува збор за спор за граѓанска постапка, бидејќи нема прекршено императивна законска норма. Надлежниот јавен обвинител утврдил дека почетната цена на јавното наддавање била заснована врз тогаш важечките прописи, односно врз важечката Уредба за висината на цената на градежното земјиште во сопственост на РМ и висината на посебните трошоци за спроведување на постапката. Предмет на оценка на надлежниот јавен обвинител била и околноста како е спроведена постапката на јавното наддавање, при што е утврдено дека сите законски и подзаконски предуслови за електронското јавно наддавање биле исполнети.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира