Како што се повлекува Преспанското Езеро, така и маките на рибарите стануваа сѐ поголеми. Секое утро на Езеро заминуваат со трактори како да одат на нива. Со механизацијата ги влечат чуновите во вода, зашто брегот е полн тиња и трска.
„Риба фаќаме во ова езеро околу 30 години, но колку што доаѓа сè потешко е. Се намали водата, има многу струење, мрежите ни се полнат наместо со риби, со трева и алги. Мрестилиштата не се загрозени, се мрести рибата, гледаме дека подмладок има. Има и риба в езеро, но многу трева се појави“, рече Сеад Адемовски, рибар од село Асамати.
Концесионерот на Преспанското Езеро Науме Ставревски, вели дека поради климатските промени, топлото и сушно време, пресушиле 80 проценти од сливните подрачја, а од нив според обврските што ги имаат се бара да ги порибуваат. Тој додава дека проблем е и загадувањето на езерската вода со ѓубривата што се користат за прскање на овоштарниците.
„Нивото на Езерото од шести месец 2018 година до денес е заминато околу 197 сантиметри. Податоците се од Хидрометеоролошки завод кој на Преспанско Езеро ги има своите мерни станици. Со оваа повлеченост ние сме изгубиле вода колку две Дојрански Езера. Намалена е и количината на кислород и рибата се однесува поинаку од пред повеќе децении, кога Езерото било полно вода и незагадено“, рече Ставревски.
„Од 2014 година кога сме имале извадена риба од 90 тони, со овие климатски промени сме паднати на 40 тони. Тоа не е поради тоа што рибниот фонд го нема, туку поради еколошките промени и тоа што нѐ тераат да ловиме во 21 век со мрежи што се користеле во шести век“, рече Ставревски.
Предупредува дека Преспанското Езеро веќе не треба да се порибува со крап, туку со амур и толстолобик, видови на риби кои се хранат со трева и ја искористуваат целата тревна маса, па така езерото ќе се исчисти од треви и трска. Но, надлежните не им дозволуваат.
Рибарите велат дека состојбата е алармантна и бараат проблемот да се подигне на глобално ниво. Ги повикуваат експертите да излезат од канцелариите и да дојдат на терен да ги согледаат состојбите, зашто како што велат, на Преспа ѝ се заканува судбината на езерото Балатон во Унгарија.
Ж. ЗДРАВКОВСКА