ВОДОСТОЈОТ НА ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО Е ТРИ МЕТРИ ПОД НОРМАЛАТА, НАЈНИЗОК ВО ПОСЛЕДНИТЕ ДВЕ ДЕЦЕНИИ

    ВОДОСТОЈОТ НА ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО Е ТРИ МЕТРИ ПОД НОРМАЛАТА, НАЈНИЗОК ВО ПОСЛЕДНИТЕ ДВЕ ДЕЦЕНИИВо мај 2016 водостојот беше намален за 1,10 метри, а таквиот тренд продолжи до првата половина на 2017. Во август 2018 водостојот беше намален за 1,66 метри, а во октомври минатата година 2,5 метри под нормалниот водостој. (Фото: СДК.МК)

    Водостојот на Преспанското Езеро е три метри под нормалниот водостој. Ова е најголем пад на езерскиот водостој во последните дваесет и повеќе години, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Секторот за животна средина во Општина Ресен.

    „Водостојот на Преспанското Езеро е во опаѓање и драстично намален во последните 20 години и повеќе, а најголем пад на нивото на водостојот имаме во моментот и изнесува околу три метри во висина под нормалниот водостој“, вели Ајман Ал Малла, раководител на Секторот за животна средина во Ресен.

    Во мај 2016 водостојот беше намален за 1,10 метри, а таквиот тренд продолжи до првата половина на 2017 година. Во август 2018 водостојот беше намален за 1,66 метри, а во октомври минатата година 2,5 метри под нормалниот водостој.

    Во местото наречено Завир во Албанија водата понира неконтролирано од Преспанското во Охридското Езеро. (Фото: Т. Трампевски)

    Деновиве социјалните мрежи се полни со фотографии, па и снимени материјали како Преспанското Езеро се повлекува. Томе Трампевски од Битола на својот Фејсбук профил има објавено загрижувачки фотографии и пишува дека на местото наречено Завир во Албанија водата понира неконтролирано од Преспанското во Охридското Езеро, како и од месноста Казан, најдлабоката точка на Преспанското Езеро – 57 метри, за да се задоволат потребите за наводнување во Албанија и да се одржи нивото на водата на Охридското Езеро. Трампевски напишал дека решението е двете земји Македонија и Албанија да постават брана на местото Завир-Казан, преливна инка за контрола на нивото на водата и утврдување на висината на која ќе се одржува водостојот на Езерото.

    Од Секторот за животна средина во Ресен велат дека нискиот водостој е во најголем дел последица на климатските промени, а оваа зима е сушна. Но, влијае и понирањето на водата од Преспанското во Охридското Езеро поради варовничкиот релјеф и различната надморска височина. Преспанското Езеро е на 853 мнв , а Охридското на 695 метри.

    Од Секторот за животна средина во Ресен велат дека нискиот водостој е во најголем дел последица на климатските промени, а оваа зима е сушна. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски вели дека повлекувањето на Преспанското Езеро е проблем на трите држави, нашата, Албанија и Грција, па планираат во првата половина од годинава да свикаат меѓународна конференција.

    „Конференцијата во фокусот ќе го има управувањето со водите од Преспанското Езеро, како и регулирање на законодавството за управување со паркот на природата Преспа. Главен акцент ќе биде ставен на повлекувањето на водата. Ќе се изработи физибилити студија од страна на стручни лица. Инаку, во Албанија се наоѓаат местата каде што понира Преспанското во Охридското Езеро. Најголемиот понор е околу Пустец и тешко се регулира“, вели Гошаревски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари