СЕКОЈ КОЈ Е РАЗОЧАРАН ШТО НЕМА ОСКАР ДА СЕ ПРЕИСПИТА, НАМ НИ СЕ СЛУЧИ ИСТОРИЈА, ВЕЛИ ЕКИПАТА НА „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ПО ДВЕТЕ НОМИНАЦИИ

    СЕКОЈ КОЈ Е РАЗОЧАРАН ШТО НЕМА ОСКАР ДА СЕ ПРЕИСПИТА, НАМ НИ СЕ СЛУЧИ ИСТОРИЈА, ВЕЛИ ЕКИПАТА НА „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ПО ДВЕТЕ НОМИНАЦИИСамир Љума, Атанас Георгиев, Љубо Стефанов, Атиџе Муратова, Тамара Котевска и Фејми Даут разговараа со медиумите преку онлајн прес-конференција од САД. (Фото: К. Попов)

    „Секој кој е разочаран што не добивме Оскар треба да се преиспита. Ние во никој случај не сме разочарани и двете номинации за Оскар се успех кој нема долго да се повтори“, рекоа режисерите на „Медена земја“ Тамара Котевска и Љубо Стефанов на денешената онлајн прес-конференција од Лос Анџелес.

    „Медена земја“ влезе во историјата на македонската и светската кинематографија со двете номинации за најдобар документарец и најдобар странски филм, но Оскарите во овие две категории вчера ги добија „Американска фабрика“ на Стивен Богнар и Џулија Рајнхард и „Паразит“ на јужнокорејскиот режисер Бонг Јон-хо.

    Продуцентот Атанас Георгиев рече дека „Медена земја“ ги промени правилата на американската Академија за филмска уметност и наука, како прв документарец кој се тркаше и за најдобар странски филм, и дека отсега поинаку ќе се гледа на документаристиката.

    Онлајн прес-конференцијата се следеше во киното Фросина во Младинскиот културен центар. (Фото: К. Попов)

    Хероината на филмот, пчеларката Атиџе Муратова, секогаш искрена и топла во комуникација, во нејзин стил  со песна го отвори пресот: „Грешни, негрешни јас ќе ги вратам, ‘Медена земја’ сѐ ќе ви прости“.
    Атиџе кажа дека од САД најголем впечаток ѝ оставил океанот, дека едвај чека да се врати во родното место кај пчелите, дека е сигурна дека им треба и на јавноста ѝ порача дека ѝ потребен мир и да биде оставена намира.

    „Нам документаристите публицитетот ни прави повеќе штета, ни одмага во работата. Ние сме благодарни за целата поддршка од јавноста, се радуваме дека сите се радуваат за нашиот успех, но би сакале во следните неколку месеци да се посветиме на идините проекти“, рече Георгиев и додаде дека којзнае кога друг пат екипата ќе се собере во овој состав.

    Околу атмосферата во Холивуд, кинематограферите Самир Љума и Фејми Даут кажаа дека уште не им се верува каде биле и со кого се запознале изминативе две недели, и дека голем број филмски ѕвезди како оскаровецот Хоакин Феникс и режисерот на „Џокер“ Тод Филипс, кинематограферот на „Ирецот“ на Мартин Скорсезе Родриго Прието, како и Роџер Дикинс кој доби втор Оскар за кинематографија, изразиле желба да се запознаат со македонската екипа.

    Котевска кажа дека имало голема почит и блискост меѓу колегите документаристи, и дека си ветиле дека кој и да добие Оскар, сите ќе излезат на сцена.

    „Но, поради техничката организација на Оскарите тоа не беше можно, но видовте дека Џулија нѐ спомна на сцената“, рече Котевска.

    За филмот „Американска фабрика“, цела македонска екипа има најпофални зборови, дека е одличен, генијален филм.

    „Не треба да има некакви теории на заговор, дека е награден оти е во продукција на Обама и не знам што. Ова им беше четврта номинација на авторите и сметам дека повеќе добија Оскар за сработеното досега“, рече Котевска.

    За идните проекти не откриваат детали, но рекоа дека секако дека повторно би работеле заедно, како големи професионалци.

    Владата вчера одлука со која на екипата на „Медена земја“ ќе ѝ додели парична награда од 3 милиони денари, или околу 50 илјади евра. Исто така, награда од 600.000 денари (околу 10.000 евра) ќе додели и Град Скопје.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира