ШТИП ПОСТАВИ КАМЕН ТЕМЕЛНИК ЗА БАЗЕН НА ИСТОТО МЕСТО КАДЕ ПРЕД 20 ГОДИНИ ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ СПОРТСКА САЛА

    ШТИП ПОСТАВИ КАМЕН ТЕМЕЛНИК ЗА БАЗЕН НА ИСТОТО МЕСТО КАДЕ ПРЕД 20 ГОДИНИ ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ СПОРТСКА САЛАПо три години конечно беше решено на која локација ќе се гради базенот (Фото: СДК.МК)

    Штип постави камен темелник за затворен базен меѓу месностите Бриони, Кртеќе и Суитлак како дел од проектот за изградба на 14 базени во исто толку градови во државата. Тој беше најавен пред три години, но досега не беше одредена локација. Од неколкуте можни места, конечно е одлучено базенот да се гради до паркот Бриони, односно Кртеќе.

    Агенција за млади и спорт и Општина Штип во затворениот базен ќе инвестираат 600.000 евра. Тој ќе биде 25 метри долг и девет метри широк.

    Штипската опозиција излезе со став дека ваков минијатурен објект за град со над 50.000 жители е чист популизам, особено што почнува да се гради пред самите избори.

    Дел од штипската јавност е скептична и смета дека затворениот базен ќе ја доживее судбината на универзалната спортска сала, чиј камен темелник беше поставен пред 20 години во истата месност.

    „Камен темелникот го постави тогашниот премиер Љубчо Георгиевски, а осветувањето го изврши владиката Зоран Вранишковски. Денес стои само нивата, а од салата ниту трага“, велат локални жители.

    Во март 2016, Федерацијата на боречки спортови на Македонија најави изградба на спортска сала за боречки вештини. Просторот кај бањата Кежовица беше одреден како локација, но и овој спортски објект остана само на хартија. Општината и Агенција за млади и спорт најавија дека затворениот базен ќе биде изграден за многу кратко време.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира