ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ ГО ПОТПИША ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО, ЈА УПАТИ ВМРО-ДПМНЕ ДА СЕ ЖАЛИ НА УСТАВЕН СУД

    ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ ГО ПОТПИША ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО, ЈА УПАТИ ВМРО-ДПМНЕ ДА СЕ ЖАЛИ НА УСТАВЕН СУД„Во однос на барањето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ претседателот Пендаровски да не го потпишува Законот за Јавно обвинителство, претседателот укажува дека согласно член 75 од Уставот - 'Претседателот е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници', а Законот за јавното обвинителство спаѓа во тие закони“, соопшти Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски. (Фото: Претседател на РСМ)

    Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, попладнево го потпиша Указот за прогласување на Закон за Јавното обвинителство како и на останатите неколку закони кои денеска ги усвои Собранието пред да се распушти.

    „Во однос на барањето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ претседателот Пендаровски да не го потпишува Законот за Јавно обвинителство, претседателот укажува дека согласно член 75 од Уставот – ‘Претседателот е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници’, а Законот за јавното обвинителство спаѓа во тие закони. Претседателот Пендаровски, исто така, укажува дека за евентуалните приговори во однос на уставноста на некој закон, секој граѓанин може да поднесе иницијатива до Уставниот суд на Република Северна Македонија како надлежен државен орган“, соопшти Кабинетот на претседателот.

    Денеска Законот за Јавно обвинителство беше изгласан по второто гласање, откако првото гласање во кое гласаа 74 пратеници претседателот на Собранието Талат Џафери го поништи, бидејќи на дел од пратениците не им било регистрирано гласањето. Поради тоа, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа претседателот Стево Пендаровски да не го потпише Законот и не присуствуваа на седниците на кои се изгласаа Законот за одбрана и Законот за Совет на јавни обвинители, а учествуваа само на седницата за распуштање на Собранието.

    Пендаровси ги потпиша и указите за прогласување на Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени, Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик; Законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители, Законот за изменување и дополнување на Законот за одбрана, Законот за изменување и дополнување на Законот за Инспекторат за употреба на јазиците, Законот за изменување на Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Законот за заштита на личните податоци, Законот за изменување и дополнување на Законот за урбано зеленило и Законот за управување со движењето на предметите во судовите.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира