Двајцата Кинези кои вчера дошле во Македонија на работен ангажман преку кинеската компанија „Синохидро“ се тестирани за коронавирус и се негативни, но се ставени под здравствен надзор, вели Министерството за здравство. Компанијата го гради автопатот Кичево-Охрид.
Д-р Жарко Караџоски од Институтот за јавно здравје вели дека станува збор за лица кои веќе биле во самоизолација 14 дена во Кина.
„Со полна заштитна опрема заедно со двајца лаборанти од Одделението за вирусологија ги пречекавме двете лица на аеродромот, постапивме согласно сите критериуми за спроведување епидемиолошки надзор. Разговаравме за нивната здравствена состојба. За периодот од 14 дена додека биле во самоизолација овие лица немале никакви знаци на клиничка симптоматологија“, вели д-р Караџоски.
Согласно протоколите, двете лица се ставени под здравствен надзор од 14 дена во соба за изолација.
„Сите лица кои ќе пристигнуваат од Кина, ќе бидат спроведени во соба за изолација и ќе им се земат соодветни материјали за микробиолошки анализи и брисеви, врз основа на кои ќе се дијагностицира евентуално присуство на коронавирус, и ќе бидат поставени во 14-дневен надзор согласно законските регулативи и прописи“ додаде д-р Караџоски.
Според последните податоци од Светската здравствена организација (СЗО), на светско ниво заразени се 76 илјади лица, а најмногу починати има во Кина, 2.236.