ПРЕМИЕРИТЕ НА „НАБУКО“, „ЛИЛЈАКОТ“, „БАЈАДЕРА“ И „ПЕПЕЛАШКА“ ВО НОБ ПОДДРЖАНИ СО НАД 160 ИЛЈАДИ ЕВРА

    ПРЕМИЕРИТЕ НА „НАБУКО“, „ЛИЛЈАКОТ“, „БАЈАДЕРА“ И „ПЕПЕЛАШКА“ ВО НОБ ПОДДРЖАНИ СО НАД 160 ИЛЈАДИ ЕВРАОд ланското отворање на Мајските оперски вечери, со премиерата на операта „Аида“. (Фото: К. Попов)

    Националната опера и балет (НОБ) на својата официјална интернет-страница објави дека годинава ѝ е одобрен буџет од 31.000.000 денари (над 500.000 евра) од Министерството за култура, од кои 10. 7 милиони денари (над 160 илјади евра) се наменети за четири премиери. Во НОБ годинава ќе има по две балетски и оперски премиери. Најголема сума има за оперската премиера „Набуко“ (3.5 милиони денари или над 55.000 евра) со која ќе се отворат годинашните Мајски оперски вечери.

    За балетската премиера „Бајадера“ ќе се потрошат 3,2 милиони денари (над 50.000 евра), за премиерата на операта „Лилјакот“ 2,5 милиони денари (40.000 евра), а за премиерата на балетот „Пепелашка“ 1,5 милиони денари (25.000 евра). Четириесет и осмото издание на Мајските оперски вечери е поддржано со 6 милиони денари (97.000 евра).

    Најголемата институција од областа на музичката и сценско-уметничка дејност во земјава е една од ретките национални институции кои јавно ги објавија поддржаните проекти од Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2020 година.

    Министерството за култура на 14 февруари ги објави резултатите од Годишниот конкурс, а во објавените резулти ги нема националните институции од сите дејности на културата, како музеите, театарите, Филхармонијата, НОБ.

    Од кабинетот на министерот Хусни Исмаили тогаш изјавија дека националните установи се должни да ги објават нивните поддржани проекти на своите официјални интернет-страници согласно Законот за култура.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира