50-ГОДИШНАТА ЖЕНА ЗАБОЛЕНА ОД КОРОНАВИРУСОТ БИЛА ВО ИТАЛИЈА ЕДЕН МЕСЕЦ, А ДВЕ НЕДЕЛИ БИЛА БОЛНА

    50-ГОДИШНАТА ЖЕНА ЗАБОЛЕНА ОД КОРОНАВИРУСОТ БИЛА ВО ИТАЛИЈА ЕДЕН МЕСЕЦ, А ДВЕ НЕДЕЛИ БИЛА БОЛНАМинистерот Филипче побара од газдите на фирмите кои имаат работници кои патувале во Италија, да им дозволат да не доаѓаат на работа туку да работат од дома во период од 14 дена, колку што трае периодот на инкубација. (Фото: СДК.МК)

    Жена на 50-годишна возраст, која еден месец била во посета на Италија, е првиот случај на заразен од коронавирусот во Македонија. Како што кажа денеска на прес-конференција во Владата министерот за здравство Венко Филипче, жената еден месец била во Италија на посета на роднини, а две недели била болна, но во клиниките во Италија не било констатирано дека има коронавирус. Во Македонија влегла утрово околу 3 часот и веднаш се упатила на тестирање на Инфективната клиника.

    „Пациентката беше хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести, а во моментов е сместена во оддел за изолација. Пациентката, со оглед дека две недели била болна, периодот на инкубација поминал и не претставува опасност да ја пренесе болеста, но сепак ќе бидат тестирани сите лица кои биле во комбето со неа, со кое се транспортирале од Италија. Ќе стапиме во контакт со сите и лицата ќе бидат ставени во 14-дневна изолација“, рече министерот Филипче.

    „Во случај на појава на симптоми, граѓаните да не шетаат по јавноздравствените институции, туку да ги повикаат надлежните епидемиолози за да биде организирана мобилна екипа што ќе ги прегледа во домашни услови“, рече Филипче.

    Министерот Филипче побара од газдите на фирмите кои имаат работници кои патувале во Италија, да им дозволат да не доаѓаат на работа туку да работат од дома во период од 14 дена, колку што трае периодот на инкубација.

    Филипче, заедно со доктор Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје, апелираа до граѓаните дека нема место за паника, еден заболен пациент од коронавирусот не претставува опасност за сите други граѓани. Тие апелираа граѓаните да се придржуваат на мерките за заштита кои ги објави Министерството за здравство.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира