Македонскиот народен театар (МНТ) ги откажува сите закажани претстави до 6 март, согласно со препораката на Владата за неодржување јавни настани до тој период поради коронавирусот. По појавата на првиот заболен со коронавирус во земјава, 14 лица се во домашна изолација.
За продолжување со редовниот репертоар, МНТ дополнително ќе ја информира јавноста, велат оттаму.
Од Драмски театар велат дека имаат за вечерва закажана претстава, исто и на 3 март, и тие остануваат на репертоарот.
Претставите не ги откажува ниту Театарот за деца и младинци.
Националната опера и балет (НОБ) ја откажа претставата „Шехерезада“ закажана за 6 март.
„Вечерашната изведба на балетот ‘Лебедово езеро’ не ја откажуваме, претставата ни е продадена, досега никој не се јави да ги врати билетите. Доколку некој од публиката се јави да ги врати влезниците, ќе им бидат вратени парите назад“, ни изјави директорот Васо Ристов.
„Во насока на натамошна соодветна превенција, Владата го прифати предлогот на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, одржана на 27 февруари 2020 година, формиран врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести во Министерството за здравство, и донесе заклучок да им се препорача на организаторите да ги откажат сите јавни собири до 6 март 2020 година. Препораката на Владата се однесува на поголемите јавни собири кои се планирани во овој период, како што се Струмичкиот карневал, Карневалот Прочка во Прилеп и сите слични. Владата им препорачува на организаторите на спортските настани, натпреварите во утврдениот период до 6 март да се играат без публика. Истата препорака на Влада се однесува и на сите други поголеми забавни и културно-уметнички манифестации“, објави Владата.
Б. НЕСТОРОСКА