Немаат коронавирус двајцата доктори кои се вратиле од конгресот во Мадрид, каде еден од предавачите е заболен, соопшти Министерството за здравство. По тестирањето на Инфективната клиника во Скопје, тие остануваат во домашна изолација во наредните 14 дена.
Тие се вратиле во земјава во саботата навечер, а вчера Светската здравствена организација (СЗО) ги известила здравствените власти дека во текот на вчерашниот ден кај еден од предавачите на конгресот било утврдено дека е заболен од коронавирус.
Од кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче велат дека денеска за коронавирус се тестирани уште две лица, еден кинески и еден македонски државјанин.
„Кинескиот државјанин денеска пристигнал на Скопскиот аеродром, но иако немал симптоми, службите на аеродромот го изолирале и веднаш го контактирале Институтот за јавно здравје, бидејќи е патник кој доаѓа од Кина. Македонскиот државјанин е наш студент во Италија. И тестовите на овие две лица се негативни на коронавирус“, вели Министерството.
Единствената пациентка со коронавирус која се лекува на Инфективната клиника во Скопје е во добра состојба и почнува фазата на опоравување. Министерот вели дека епидемиолозите се во контакт со лицата во изолација, нема проблеми во контактите со полицајците и дека досега се тестирани 13 лица.
Во однос на мерката за откажување на јавни собири до 6 март, Филипче рече дека ако остане ситуацијава како деновиве, нема да ја продолжат.
Б. НЕСТОРОСКА