Милијардерот Мајк Блумберг ја заврши својата трка за кандидат за претседател на САД од Демократската партија и го поддржа поранешниот потпретседател Џо Бајден. Ова беше шокантен колапс на поранешниот градоначалник на Њујорк, кој се надеваше за поддршка во партиското гласање во Супервторникот и вложи над 500 милиони долари свои пари во кампањата.
Блумберг објави дека ја прекинува кампањата откако во Супервторникот, кога гласаат државите што носат речиси третина од делегатите кои се потребни за добивање на кандидатура од демократите, доби гласови само во Американска Самоа и неколку делегати во други држви. Бајден освои најмногу во јужните држави, каде што Блумберг истури десетици милиони долари за кампања и дури се надеваше на победа.
Двајца негови ривали кај демократите, Ејми Клобучар и Пит Бутиџич, се откажаа од трката на ден пред Супервторникот и го поддржаа Бајден како умерена алтернатива на сенаторот од Вермонт Берни Сандерс.
Блумберг уште од почетокот водеше кампања без преседан. Влезе во трката подоцна во ноември, поради што ги прескокна кампањите во првите 4 држави кои гласаа, Ајова, Њу Хемпшир, Невада и Јужна Каролина. Се надеваше на успех во Супервторникот и потроши над 180 милиони долари во државите кои гласаа вчера.
Блумберг (78), е еден од најбогатите луѓе во светот, чие богатство се проценува на 61 милијарда долари. Богатството го стекнал на финансиски пазари и со медиумската компанија која го носи неговото име, основана во 1980. Освен што 12 години беше градоначалник на Њујорк, омилен е кај прогресивните групи поради тоа што даде стотици милиони долари во борбата против климатските промени и за спречување на насилството со оружје.