ТЕТОВКАТА ХАНЧА ЈА ВИКААТ МАЈКА ТЕРЕЗА, ОДГЛЕДАЛА 15 ТУЃИ ДЕЦА, А СЕГА БОЛНА ЖИВЕЕ БЕЗ СТРУЈА И ВОДА ПОРАДИ ДОЛГ ОД 1.500 ЕВРА

ТЕТОВКАТА ХАНЧА ЈА ВИКААТ МАЈКА ТЕРЕЗА, ОДГЛЕДАЛА 15 ТУЃИ ДЕЦА, А СЕГА БОЛНА ЖИВЕЕ БЕЗ СТРУЈА И ВОДА ПОРАДИ ДОЛГ ОД 1.500 ЕВРА„Децата што ги одгледав веќе пораснаа, но знаат да дојдат кај мене и да ми помогнат колку можат, но и тие се сиромашни“, вели Ханча Алиќ. (Фото: СДК.МК)

Во трошно куќиче веднаш до реката Пена, во крајно супстандардни услови живее тетовката Ханча Алиќ. Соседите ја викаат Мајка Тереза затоа што и покрај големата сиромаштија досега одгледала 15 деца кои не се нејзини. Порано некако успевала да излезе на крај со сиромаштијата, но веќе подолг период ѝ е исклучена струјата поради неплатен долг, а во куќичката во која живее нема ни вода.

Сега се грижи за девојче со церебрална парализа и за две помали внучиња од синот. Нејзината и онака тешка состојба уште повеќе е влошена, бидејќи ѝ е дијагностициран рак на панкреас поради што оди на хемотерапија. Ханча најмногу стравува од помислата што ќе се случи со децата кои ги одгледува по нејзината смрт.

„Без вода и струја не се седи. Од ЕВН ми бараат 1.500 евра долг за струјата. Од каде да ги најдам тие пари? Сега добиваме пари само за девојчето со церебрална парализа, а тоа се околу 5.000 денари. Ми даваа еднократна помош од социјалното, а чекам да ми дадат и трајна парична помош, но решението никако да дојде. Дали можат 100 евра да ми стасаат месечно? Се прехрануваме со храна што ни ја даваат од народната кујна, многу сум им благодарна за тоа. Порано чував и некоја коза, но сега веќе немам ништо. Сега најголем проблем ми е тоа што немам струја и вода. Децата што ги одгледав веќе пораснаа, но знаат да дојдат кај мене и да ми помогнат колку можат, но и тие се сиромашни и живеат од социјална помош“, вели Ханча.

Веќе подолг период на Ханча ѝ е исклучена струја поради неплатен долг, а во куќичката во која живее нема ни вода (Фото: СДК.МК)

Од нејзините родени деца има само една ќерка, другите ѝ починале и затоа решила да им помага на други. И покрај големата сиромаштија во која живее, нашла сили да одгледа уште 15 туѓи деца кои биле без родители.

Таа е родена во Босна и Херцеговина и успеала да добие македонско државјанство, но нејзината ќерка, иако родена во Тетово, не може да го добие. Често оди во Центарот за социјална помош во Тетово, а еднаш била посетена и од бившата министерка за труд и социјална политика Мила Царовска.

„Еднаш ме посети и министерката Царовска и оттогаш малку ми се подобри материјалната состојба, но сега пак сум во многу лоша состојба. Понекогаш размислувам да ги земам децата и да одам во Владата и таму да спијам, можеби тогаш ќе го разберат мојот проблем. Јас не сакам некое богатство, сакам само тоа што на секој човек му е потребно, да имам струја и вода. Досега сум изгледала 15 деца и не ми било важно од која националност се, јас разликувам само човек и нечовек“, вели Ханча.

И онака тешка состојба на Ханча уште повеќе е влошена со тоа што боледува од рак на панкреас и оди на хемотерапија. (Фото: СДК.МК)

Од Центарот за социјални работи од Тетово велат дека добро се запознати со случајот на Ханча, редовно ја следат нејзината социјална состојба и досега редовно материјално ја помагале.

„Ханча Алиќ секоја година редовно примала еднократна парична помош. Само во 2019 таа во шест наврати добила ваква помош во износ од по 3.000 денари. Сега лицето е во постапка за добивање гарантирана минимална помош, за што треба да одлучи соодветна комисија. Висината на оваа помош изнесува 4.000 денари, но ако комисијата утврди дека станува збор за лице со работна неспособност, тогаш помошта изнесува 6.080 денари. Ако комисијата ѝ го усвои барањето, тогаш одобрениот износ ќе го добие ретроактивно од месецот кога било поднесено барањето. Ханча Алиќ во изминатите години користела и додаток за деца без родители, но откако тие деца станаа полнолетни, тој е прекинат. Ханча се грижи за едно дете кое има церебрална парализа и по тој основ добива посебен додаток во износ од 5.137 денари“, велат од Центарот за социјални работи од Тетово.

Од ЕВН велат дека немаат опција за отпишување долг за потрошена електрична енергија.

„Долгот не може да се отпише, но во координација со Министерството за труд и социјална политика имаме направено некои процеси за долговите да се платат на рати, при што првиот дел треба да биде поголемиот дел од долгот, а остатокот ќе биде на рати. И во овој случај, како и за другите корисници, ЕВН ќе помогне за олеснето плаќање на долгот, други опции нема“, велат од ЕВН.

Ниту од Јавното комунално претпријатие нема некои добри вести за Ханча.

„Ние не можеме самостојно да одлучуваме за приклучок кон водоводната мрежа, па дури и кога станува збор за социјално загрозено лице. Ваквите одлуки ги носи Општината. Затоа е најдобро лицето да се обрати до Општина Тетово. Откако ќе добие согласност оттаму, тогаш ЈКП ќе може да ја приклучи на градскиот водовод“, велат од ЈКП Тетово.

З. АНДОНОВ

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира