Кај тројца пациенти заразени со коронавирус кои се на Инфективната клиника во Скопје има лесно влошување на состојбата, кажа министерот за здравство Венко Филипче. Тројцата се повозрасни и се над 65-66 години, имаат поотежнато дишење, но не е потребна респираторна поддршка и кај нив се интензивира терапијата, додаде министерот. Останатите шестмина се во стабилна состојба.
Утрово се пријавило едно лице за тестирање, маж кој на 7 март дошол здрав од Германија и поради висока температира се јавил утрово во Инфективната клиника. Неговите резулати ќе бидат објавени во текот на денот. Денес одново ќе се тестираат и сопатниците на првозаболената пациентка, кои на 26 февруари влегле со комбе во земјава преку Табановце, зашто им завршува 14-дневната изолација.
Филипче кажа дека е назначена нова директорка на Клиниката за кожни болести, откако беше објавено дека претходната е заболена од коронавирус и која беше разрешена оти доаѓала на работа и присуствувала на симпозиум, како последица на што во изолација се 100 луѓе.
Б. НЕСТОРОСКА