Негативен е и повторениот тест за коронавирус на лицето од Кочани, чиј брис пристигна преку Центарот за јавно здравје од Штип, соопшти Министерството за здравство. Од Министерството претходно информираа дека резултатите на седумтемина пациенти кои претпладнево се тестираа се негативни на коронавирус, а на едно лице тестот ќе се повтори.
„И првиот тест на пациентот од Кочани беше негативен, но поради типичните симптоми на вирусот, истиот се повтори. Нема нови пациенти позитивни на коронавирус во земјата“, велат оттаму.
Од Министерството додаваат дека професорот доктор од Инфективната клиника кој е назначен за координатор на службата за инфективни болести во Дебар е пристигнат во Дебар и веќе е започната анализа на состојбата и координација на активностите околу новите тестирања и новиот план за работа на докторите, епидемиологот и двајцата инфектолози коишто се веќе таму.
Во земјава има 18 лица заразени од коронавирус, од кои 13 се хоспитализирани на Инфективната клиника во Скопје, а петмина се во болницата во Дебар.
„Сите 13 пациенти коишто се сместени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје се во стабилна состојба, идентична како во текот на вчерашниот ден. Првата пациентка од Дебар е на респираторна машина со значајно подобрување на параметрите по приклучувањето на механичката вентилација, но со сѐ уште непредвидлива прогноза поради тоа што во оваа ситуација многу често доаѓаат компликациите во текот на лекувањето. Сите други пациенти се со лесна клиничка слика, вклучувајќи го и 15-годишниот пациент, сите сместени на одделот за изолација. Првозаболената пациентка од утре ќе биде на домашно лекување“, кажа денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Тој кажа дека во државата има 120 респиратори, а потоа им се заблагодари на приватните болници кои на располагање ставија близу 70 интензивни легла со респираторни машини.
„Имаше коментари околу респираторните машини. Би сакал да кажам дека во државата има околу 120, а најголемиот број, близу 90, во Скопје“, кажа Филипче.
Детската болница Козле ќе се подготви за во неа да бидат сместени ако евентуално има заразени деца со коронавирусот, а сите сега хоспитализирани пациенти во Козле во текот на денешниот и утрешниот ден ќе бидат префрлени на Клиниката за педијатрија.
Тој рече дека со несмален интензитет се спроведуваат и мерките за контрола и дезинфекција на сите патнички и други моторни возила за влез во Дебар и Центар Жупа. Влезот е дозволен само за жителите на општините, а строго забранет е излез на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини. Без проблем се одвива дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и другите потреби за граѓаните во двете општини.
„Упатувам апел до сите граѓани на Дебар и Центар Жупа, но и до граѓаните на Струга, Охрид и Кичево строго да се придржуваат до овие препорачани мерки со цел да се спречи ширењето на вирусот во овој регион“, рече Филипче.
Б. НЕСТОРОСКА