Храна и намирници има и во супермаркетите и во магацините на дистрибутерите, граѓаните да не паничат, порачаа министерот за економија Крешник Бектеши и сопствениците на супермаркетите по денешната средба.
„Би сакал како министер за економија да ги повикам граѓаните разумно да купуваат, а маркетите да направат планови за да им излезат во пресрет на граѓаните. Место за паника нема, залихи на сите неопходни намирници има“, рече Бектеши.
На вчерашната владина седница беше донесена одлука за замрзнување на цените на основните продукти односно на леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциски средства.
Како што најави министерот за економија Крешник Бектеши Пазарниот инспекторат ќе врши контроли во супермаркетите дали се почитуваат цените, а граѓаните доколку забележат непочитување на оваа мерка можат да пријават на телефонскиот број 02 3220-547. Ќе се вршат контроли и во магацините и дистрибутивните центри за да ја утврди ситуацијата за можни скриени залихи на основни прехранбени производи.
На владината седница беше донесена одлука за забрана за извоз на пченица и брашно од пченица кон сите земји за неограничено време. Министерството за економија треба да достави до Владата предлог за 100-процентно ослободување од царински давачки за производите брашно од пченица, масло сончогледово, бел шеќер, сапуни,детергенти, облека и прибор за облека, пелени за деца и возрасни, марамчиња, рачни крпи во ролни, маски пластични со текстилен филтер прекривки текстилни за хируршка употреба, одело хируршко од хартија, маски хартиени, одело заштитно гумено, ракавици гумени, хируршки ракавици.