НОСЕВМЕ ТЕШКИ ОДЛУКИ И ГРАДЕВМЕ ПРИЈАТЕЛСТВА, ЗАТОА СМЕ 30. ЧЛЕНКА НА НАТО, КАЖАА СПАСОВСКИ, ШЕКЕРИНСКА, ДИМИТРОВ И ОСМАНИ

    НОСЕВМЕ ТЕШКИ ОДЛУКИ И ГРАДЕВМЕ ПРИЈАТЕЛСТВА, ЗАТОА СМЕ 30. ЧЛЕНКА НА НАТО, КАЖАА СПАСОВСКИ, ШЕКЕРИНСКА, ДИМИТРОВ И ОСМАНИЗнамето на НАТО беше подигнато пред Собанието откако беше изгласан Законот за члество во Алијансата на 11 февруари. (Фото: К.Попов)

    За да станеме 30. членка на НАТО, носевме ѓаволски тешки одлуки, но знаевме дека се во интерес на македонските граѓани, кажа министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Шекеринска заедно со техничкиот премиер Оливер Спасовски, вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров на прес-конференција во владата го честитаа членството во Алијансата на граѓаните. Тие рекоа дека и покрај кризната состојба со коронавирусот решиле да одржат прес-конференција за да им кажат на граѓаните дека како што успеавме да станеме членка на НАТО, така ќе успееме да се справиме и со оваа ситуација.

    „Дојдовме до крајот на едно патешествие после 30 години чекање. Додека другите одолговлекуваа ние решававме, додека другите зборуваа ние работевме, додека се правдаа ние носевме одлуки. Одлуките беа ѓаволски тешки, но знаевме дека се во интерес на оваа и на идните генерации“, кажа министерката Шекеринска.

    Министерот за надворешни работи Никола Димитров кажа дека членството во Алијансата не се случи само по себе, туку поради лидерството и спремноста на оваа Влада. Димитров објасни дека утре шпанскиот амбасадор во САД ќе го предаде Протоколот во Стејт Департментот, потоа од таму известување ќе стигне до сите земји членки, по што Македонија ќе треба да го достави Законот за членство во НАТО го беше усвоен во Собранието пред распуштањето.

    „Заокружувањето на овој процес кој почна во ратификацијата на Протоколот од Грција, а заврши вчера во Шпанија во исклучително тешки и вонредни услови, значи поголема безбедноста, стабилност и просперитет. Покажавме дека можеме да ги надминеме и најтешките предизвици. Ќе покажеме дека можеме да бидеме достојна земја членка, што заедно ќе го носи товарот, но и ќе учествува и во бенефитите од тоа членство“, рече Димитров.

    Вицепремиерот Бујар Османи рече дека покрај членството во НАТО, Македонија се очекува да добие и датум за почеток на преговорите со Европската унија. Сите сигнали и пораки од земјите членки говореле дека тие немаат никакви забелешки и затоа очекуваат позитивна одлука.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира