Шкендија не успеа да се квалификува во фазата на групи на Лига Европа по поразот од Гент во вечерашниот реванш од плејофот на „Филип Втори“ со 4:0. Тетовскиот фудбалски тим имаше активен резултат од првиот меч во Белгија, каде загуби со 2:1, но на крајот беше елиминиран со вкупен резултат од 6:1 од ланскиот учесник во Лигата на шампиони.
Сите четири гола на натпреварот во Скопје паднаа во второто полувреме. Кулибали беше двоен стрелец, а по еден гол постигнаа Пербет и Нето, сите во рок од само 25 минути.
„Имавме одлични настапи летово во Европа и сум горд на играчите за прикажаното. Гостите беа поодморени, бидејќи одиграа помалку натпревари, но им честитам на заслужената победа“, кажа тренерот Шкендија Бруно Акраповиќ по натпреварот.
Сепак, настапот на Шкендија во Европа летово може да се оцени како успешен, бидејќи на патот до плејофот ги елиминираше Млада Болеслав од Чешка, Нефтчи од Азербејџан и Краковија од Полска.
Ниту еден македонски тим не успеал да се пласира во групната фаза во европските купови.
Г. МИХАЈЛОВСКИ